Летни фестивали кои доколку имате шанса, вреди да ги посетите
Последните денови од месец мај секогаш во мене ги будат заспаните импулси кои алудираат на забава, музика и многу дружба.
Летување како летување секогаш ќе се помни, многу често знае да заземе сличен облик како од претходните години, но одење на некој музички фестивал каде настапуваат нашите идоли е доживување кое со гордост ќе го раскажуваме кога ќе подостариме.
За вкусот не се расправа, барем сите сме запознаени со тоа, но кога ќе се најдеме на огромна полјана со илјадници насмеани, релаксирани луѓе, тогаш забораваме на сите животни стеги и потешкотии и се препуштаме на моментот, зашто тоа и само постои.
Download Festival 8-10 јуни – Дарби, Англија
Да се видат Ози Озборн, Avenged Sevenfold, Guns N' Roses и Мерлин Менсон во рок од неколку дена навистина е голем работа. Освен нив има уште еден куп други изведувачи, кои ќе настапуваат на овој фестивал, кој од светските критичари се смета за фестивал-старешина на рок и метал музика во светот.
Copenhell 21-23 јуни – Копенхаген, Данска
Со интересна комбинација од зборови, овој дански фестивал ми го привлече вниманието со листата на изведувачи што ќе настапаат за речиси неполн месец. Nightwish, Alice in Chains, Ghost, Kreator, Helloween и W.A.S.P. се дел од музичките имиња кои ќе рокаат на сцената во Копенхаген.
Иако стандардот во Данска е изгор за нашите џебови, сепак ако сме љубители на овие бендови треба да се жртвуваме за да може некогаш да прераскажуваме.
Ultra Europe 6-8 јули – Сплит, Хрватска
Еве и еден фестивал на наша територија, барем така се чувствуваме кога одиме на настан што се одржува на Балкан. На овој фестивал за електронска музика посетителите ќе имаат можност да се забавуваат со Дејвид Гета, Армин ван Бурен, Карл Кокс и уште многу други светски диџеи.
Mad Cool Festival 12-14 јули – Мадрид, Шпанија
Овој фестивалски предлог со сигурност најмногу ќе им се допадне на луѓето. Замислите, во рок од три дена можете во живо да ги слушнете Pearl Jam, Arctic Monkeys, Depeche Mode, Jack White и Queens Of The Stone Age, па ако сé уште не знаете каде да прошетате лето, а веќе ви се здодеани одморите во Грција, тогаш купувај авио-билет и влезница и направете си го летото тип-топ.
EXIT Festival 12-15 јули – Нови Сад, Србија
Во никој случај оваа листа не може да помине без фестивалот Exit. Не за друго, затоа што најголем број на Македонци ќе заминат таму. Сепак, колку и да пребираме, излегува како најевтина опција. Мартин Гарикс, Дејвид Гета, Grace Jones, Migos, Fever Ray, LP... и уште многу други изведувачи. Останува на вас како ќе одлучите да си ги поминете летните денови.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело