40 години од првиот албум на легендарните „Леб и сол“, најголемата македонска музичка гордост
Балканските Пинк Флојд. Леб и сол е формирана на 1 јануари 1976 година, чии основачи се Влатко Стефановски и Бодан Арсовски кои заедно со Кокан Димушевски и Димитар Чочоровски започнале да ја испишуваат современата квалитетна македонска музичка историја.
За време на 20-годишната кариера Леб и сол издале вкупно 10 студиски албуми, 4 албуми во живо, како и двојна компилација со нивните најголеми хитови, а креирале музика и за различни намени, односно филмски и театарски претстави како и ТВ серии.
Непосредно по основањето на групата им се приклучува и тапанарот Гаро Тавитјан. Првиот деби-албум насловен како името на самиот бенд е во рок-џез стил и брои вкупно 9 песни, од кои дури 6 се инструментални.
Во одредени куси периоди низ постоењето на Леб и сол во групата имале учество и Мики Петковски, а подоцна и Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, како и Драгољуб Ѓуричиќ.
Факт кој веројатно им е познат на малкумина е дека во нивниот најамбициозен проект, албумот Као какао издаден во 1987 година, учествувал и Кирил Џајковски како клавијатурист, а како гости се појавиле и Ана Костовска и Беби Дол.
Сепак, најоригиналната постава на Леб и сол е добропознатиот квартет - Влатко, Бодан, Гаро и Кокан.
Групата го имала својот проштален концерт го имале на 13 декември 1995 година, во клубот Милос во Солун, Грција, по што престанала со заедничко творење и настапување.
Во мај 2006 година, членовите на Леб и сол го најавија реоформувањето со турнеја од неколку концерти низ Македонија, по што беше издаден дискот насловен Live in Macedonia.
Македонската рок/џез/етно група била една од најпопуларните во поранешната ЈУ-Република.
Многумина велат дека на дел од мелодиите од Леб и сол не им требаат текстови, бидејќи тие самите по себе се премногу моќни. Оние пак што имаат текст продираат длабоко во душата со едноставно, но доволно гласни пораки.
Генијално, тоа би бил зборот доколку само еден е потребен да се опише музичкото творештво на Леб и сол. Тие ни оставија доволно квалитетна музика за минатите, сегашните и идните генерации.
Горди сме што го носат епитетот македонско. Слушнете ги најдобрите хитови и преработки на вонсериските Леб и сол:
БИСТРА ВОДА
https://www.youtube.com/watch?v=F-m_33JNs08
ЧУВАМ НОЧ ОД БУДНИХ
АБЕР ДОЈДЕ ДОНКЕ
НИСАМ ТВОЈ
КУМОВА СЛАМА
https://www.youtube.com/watch?v=O3dpGWl5BI8