Три нови музички имиња од македонската алтернативна сцена
Во последниот период домашната сцена е сведок на еден нов бран музички имиња.
Во продолжение следува листа на три македонски бендови кои пополека се пробиваат на алтернативната сцена:
1. MAN IN A SUIT е бенд составен од психолози и басист.
Формиран во април минатата година го сочинуваат: Дарко Медарски – Медо (гитара и вокал), мултиинструменталист и уличен уметник, Филип Методиев (гитара), Дарио Циевски – Цио (тапани), Кирил Тројачанец – Кирчо (саксофон), Давор Папалински (бас), најмладиот член на бендот кој Берово за ништо не го менува.
Музиката жанровски ја сместуваат во Dream Pop/ Shoegaze/ Art Rock. Со други зборови, свират урбано меланхолична рокенрол музика со џези елементи и вклучена електроника. Во следниот период планираат да се посветат на издавање на нивниот прв албум.
https://www.youtube.com/watch?v=V09_9vK67n0&feature=youtu.be
2. CONSPIRACY e треш метал бенд од Скопје, формиран во јуни 2016 година.
Неговите членови се: Стефан Трајкоски (вокал, ритам гитара), Давор Капац (соло гитара), Иван Димишков (тапани) и Милош Благоевиќ (бас гитара). Од септември 2016 година редовно се застапени на музичката сцена во Скопје, а минатата година на Лузер фест во конкуренција од седум бендови го освоија првото место.
Велат дека нивната генерација е желна за ваков вид на музика, па затоа се трудат колку што можат повеќе да бидат вклучени во македонската алтернативна сцена. Веќе се влезени во студиото на Валентино Скендеровски и работат на нивниот прв албум.
Момциве од Conspiracy создаваат музика која сакаат да ја подарат на нивната публика. По издавање на албумот имаат во план да направат мини турнеја на територијата на поранешна Југославија.
3. FICTION е бенд од Скопје кој го сочинуваат Петар Ѓуревски (вокал), Виктор Захариев (гитара/пратечки вокали) и Филип Андонов (гитара).
Постојат од јуни 2016 година и до сега имаат настапувано низ повеќе локали низ Скопје и Македонија. Жанровски се сместуваат во поп-рок, а песната После дождот е нивната прва авторска песна.
Текстот е заеднички (на Fiction), додека зад музиката и аранжманот се потпишани Виктор Захариев и Петар Ѓуревски. Наскоро ќе почнат со снимање на нивниот прв студиски албум.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело