„Светска, а наша“ – 12-годишната Нела од Скопје „растури“ на хрватско талент шоу со песна од Витни Хјустон
„Изгледа, звучи и сјае како ѕвезда“ – пишуваат хрватските медиуми за нашата Нела Манческа (12) која на хрватско талент шоу настапи со тешка песна на Витни Хјустон, освои четири „ДА“ од жирито и доби одлични критики.
Нела Манческа (12) веќе неколку години се занимава со пеење, а моментално е дел од хрватскиот „Суперталент“.
Во краток разговор со жирито, кој се одвиваше на англиски јазик, тие се пошегуваа дека младите деца од земјите од поранешна Југославија веќе не се разбираат на мајчин јазик, бидејќи не се растени во тој период.
За аудицискиот настап таа ја отпеа песната „I Have Nothing“ од Витни Хјустон, а нејзината изведба буквално ќе ви ја наежи кожата.
Додека настапуваше, четиричленото жири будно ја следеше интерпретацијата и си потпевнуваа.
Од публиката доби стоечки овации, а беспрекорната изведба ѝ донесе четири „ДА“ од жирито.
„Имаше многу голема задача, со многу тешка песна. Беше неверојатна, но со текот на годините ќе стекнуваш повеќе искуство и ќе бидеш уште подобра. Сега си како неизбрусен дијамант, што би се рекло“ – рече Фабијан Павао Медвешек.
Давор Билман и Мартина Томчиќ пак, се сложија дека е одлична за годините и дека има прекрасен глас.
„Биди подготвена, во иднина твојот глас ќе ти приреди позитивни изненадувања. Имаш многу убав глас навистина, само сакам повеќе да пееш и со тело“ – ја посоветува Мартина.
Маја Шупут пак, покрај за пеењето, ја пофали и за изгледот, со оглед на тоа што Нела одбрала соодветна сценска облека, наспроти лежерниот стајлинг во секојдневието.
„Никој не кажа ништо за твојот фустан, па ќе кажам јас, како принцеза си. Само смеј се повеќе, тоа ми недостасуваше. Прекрасно беше, навистина“ – рече таа.
За крај, тројца од нив, без сомнеж ѝ дадоа „ДА“, а Фабијан иако ја остави во исчекување, на крајот и тој гласаше позитивно за неа.
Погледнете го ТУКА настапот на Нела кој ќе ве наежи, a го објави нејзината мајка на Фејсбук.
М. М. | Црнобело