15-годишниот тинејџер со млечни заби кој го освои светот: Зошто сите го обожаваат Дастин од Stranger Things?
Името Гејтен Џон Матерацо можеби не ви значи ништо, но доколку кажеме Дастин и се надоврземе со насловот на најпопуларната серија во моментов, Stranger Things, работите веднаш стануваат кристално јасни.
Момчето со неодоливо слатка насмевка и препознатливите виткани локни е родено на 8 септември, 2002 година.
Кариерата ја започнал мошне мал, и тоа ни помалку ни повеќе, туку на престижната сцена на Бродвеј, играјќи улоги на Бенџамин во претставата „Присила, Кралица на пустината“ и Гаврош во „Клетници“.
Гејтен одиграл и една епизодна улога во ТВ серијата „The Blacklist“, а се појавува и во спотот за песната „Swish, Swish“ на Кејти Пери.
Сепак, најголемиот успех го доживува со улогата на Дастин Хендерсон во научно-фантастичната драма „Stranger Things“ на Нетфликс.
Секој заслужен труд со себе носи и награди, па така Гејтен само годинава освои 2 - Наградата за најдобар актер на манифестацијата Shorty Awards и наградата за одлична изведба од ансамбл во серијал со жанр драма на „Screen Actors Guild“.
На кој начин Дастин ги освои срцата на сите обожаватели на „Stranger Things“?
Слаткиот 15-годишник го има синдромот клеидокранијална дисплазија (cleidocranial dysplasia), состојба со која е роден, а влијае врз развојот на коските и забите.
Горната вилица кај овие лица е прилично изразена, а непцето е повисоко поставено од вообичаено. Иако е веќе во пубертет, тој сè уште ги има неговите млечни заби. За потребите на втората сезона, носел специјални навлаки врз млечните заби.
Но, Гејтен не се срами од својот недостаток, напротив. Неговиот лик во серијата го има истиот синдром, а тој ја користи секоја можна прилика да зборува за нарушувањето и да ги охрабри сите оние кои се соочуваат со истиот предизвик.
Шансата да го имате ова нарушување е еден наспроти милион. Најчесто е наследно од родителите, но кај Гејтен едноставно се случило.
Неговиот случај не е толку многу сериозен, но на некои луѓе навистина им е премногу тешко да живеат со дијагнозата. Многу обожаватели му се обратиле на младиот актер за совет, а тој радо зборува за неговата борба со синдромот.
Гејтен сè уште ги има неговите млечни заби, поради кои „шушка“ додека зборува. Но, обожавателите одлично го прифатија неговиот лик и се запознаа одблиску со состојбата од која боледува.
Тој истакна дека никогаш не се откажал од своите соништа, иако 2 години го одбивале на кастинзите поради недостатокот.
Сепак, креаторите на серијалот, браќата Дафер, решиле да му дадат шанса на талентираниот Гејтен и на неговиот лик Дастин му ја дале истата состојба како неговата.
Слободно може да се каже дека ризикот се исплати, бидејќи Дастин е убедливо еден од најомилените ликови на ТВ екраните. Тој не е само симпатично слатко лице, тој е симбол на она што се нарекува – никогаш не откажувај се.
(О)Милена | Црнобело