Најубавите македонски поранешни мисици и манекенки повторно блеснаа на модна писта (фото)
- Детали
- четврток, 16 март 2023
Светлана и Мики Црнокрак, Сани Богдановска, Ирена Спировска, Вера Мештеровиќ, Ана Биновска, Марија Васиќ, Драгана Клопчевска, Армандо Чаволи, Коки Лондза, Оливер Димитровски, продефилираа и блеснаа на модната писта, потсетувајќи на едни од најубавите денови на македонската мода, по повод 20 години од првата Модна недела во Скопје. Мики Црнокрак за CRNOBELO.com изјави: „На модната писта вчера се појавија некогашните најдобри македонски модели, а ние заедно се вративме во едни подзаборавени, убави времиња“.
Со гламурозна модна ревија која се одржа во хотелот „Лимак“ во Скопје, се одбележаа 20 години од првата Модна недела во Скопје - Fashion Week Skopje Macedonia.
Како и пред две децении, на модната писта заблескаа некои од најубавите македонски жени, поранешни мисици и манекенки, но и мажи модели, кои долго време не се дел од модната индустрија кај нас.
Пред скопската публика продефилираа Светлана и Мики Црнокрак, Сани Богдановска, Ирена Спировска, Вера Мештеровиќ, Ана Биновска, Марија Васиќ, Драгана Клопчевска, Армандо Чаволи, Коки Лондза, Оливер Димитровски и многу други кои своевремено важеа за најпопуларни и најбарани македонски манекени.
Тие и пред 20 години учествуваа на таа прва Модна недела, што тогаш се одржа во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје.
Ревијата, како и пред 20 години, и сега ја организираа Мики Црнокрак и Милорад Цајиќ со нивните агенции „Модното студио Црнокрак“ и „Кворум моделс“.
„На модната писта вчера се појавија некогашните најдобри македонски модели кои учествуваа и на првата Модна недела, а ние сите заедно се вративме во едни подзаборавени, убави времиња. Гостите на ревијата цело време нè поздравуваа со громогласен аплауз кој не престана во текот на целиот навистина голем и гламурозен моден настан.
Не можам да опишам колку сум среќен и горд што вчера доживеавме нов успех во презентацијата на македонската мода. Одиме понатаму“, рече Мики Црнокрак, кој беше и модел, но и организатор на настанот.