Елена Ѓорговска, студент по медицина и модел: „Учев по 12-14 часови на ден, за да можам да одам на модни ангажмани“
- Детали
- вторник, 07 март 2023
„Кога се запишав на факултет сите блиски ме прашуваа ‘Медицина и моделинг? Нема шанси, мора од нешто да се откажеш’. Но, денес сум четврта година на студии и сум дел од модна агенција од Милано, Италија“, вели нашиот интернационален модел Елена Ѓорговска (22) од Струга за CRNOBELO.com.
Елена Ѓорговска (22) од Струга e студентка на Медицинскиот факултет во Скопје, а воедно работи и како модел.
Таа е инспиративна млада дама која е доказ дека кога се сака, сè се може.
Во разговор за CRNOBELO.com отворено говори како балансира со обврските:
„Мојата кариера како професионален модел ја започнав уште на мои 16 години, кога се пријавив на кастинзите за нови модели во модната агенција „Моделс Ин“.
Пред тоа, можам да кажам дека не сум имала никакво модно искуство, освен што се појавив на насловна страница на детското списание „Наш Свет“.
Од друга страна, желбата да студирам медицина се јави во моите средношколски денови, кога почнав да се пронаоѓам во природните науки, за конечно да дојдам до одлука да се запишам на тој факултет.
Тоа што ги интересира сите е како постигнувам сè.
Кога се запишав сите блиски ме прашуваа „Медицина и моделинг? Нема шанси, мора од нешто да се откажеш“, ми велеа.
Морам да кажам дека секој почеток е тежок, и мислам дека мојот почеток на факултет беше еден од најтешките.
Паметам како со денови седев дома или во читална и се трудев да учам колку што можам (понекогаш и по 12-14 часа со книга во ден), за ако во наредниот период ме ангажираат за фотосесија, ревија или друг настан да можам да прескокнам и да имам слободен ден.