„Врски да ти фаќам? Скраја!“ - Ева Нединковска на ќерката прваче ѝ посвети песна со моќна порака
- Детали
- четврток, 01 септември 2022
„Врски да ти фаќам? Скраја! Тешко тебе, ако тој пат го фатиш. Кадарна, а плен да се сториш на раја! Даројте божји така си ги тратиш...“, гласи дел од песната која Ева Нединковска ја објави на Фејсбук за својата ќерка Ена кое е прваче. Но, и песна која е одлична порака за сите првачиња денес. Среќно!
Фото: Фејсбук Ева Нединковска
Ќерката на Ева Нединковска, малата 5-годишна Ена, која во ноември ќе полни 6 години, денес тргнува на училиште.
Овој 1-ви септември ќе биде незаборавен за неа, како и за многу други првачиња ширум Македонија.
Ева по тој повод на својот Фејбук профил објави песна наменета за својата малечка, која ја напишала уште во 2021 година.
Ева на својот Фејсбук профил напиша:
„Вчера - подготовки, денес - прваче. Среќно на сите првачиња и сите ученици во новата учебна година со песната:
Љубовна
Нема домашни да ти пишам!
Ниту да ти берам гајле до зори.
Ниту цртежи да ти цртам
зашто ти се до утре и ти гори.
Не, не сум на милост шкрта!
„Ама другите мајки” та „да не сме куси”.
Без компаративна анализа, ќерко, молам!
Секој дијамантот свој нек го бруси.
Патој, глеј, многу, а ти фати го својот волан.
Врски да ти фаќам? Скраја!
Тешко тебе, ако тој пат го фатиш.
Кадарна, а плен да се сториш на раја!
Даројте божји така си ги тратиш.
Раздрасканите колена што ти крват,
нема ко волчица да ти ги лижам. Не!
Сите рани и болки те учат па врват.
Лузните ко накит да ги носиш, украс се.
Немам право од уката да ти кратам.
Но не бој се, по пат ќе те пратам.
Немој што ќе грешиш да се срамиш.
Обидите чесни гордо да ги врамиш!
Та три дена те раѓав и те родив со кичма.
И со ’рбет те растам вична.
Не да се валаш кутра и влечеш
низ процепи, кривулици, да течеш.
А да се исправиш на нозе, стамена.
Крилја ти всадив да летнеш, пламена.
Ќе ми биде жал, мила, но нема
везден да ти подавам за излез рака.
Сакам да видам кај сама се креваш
и да сум мирна дек умееш, така.
Рамо и стожер нема стално да бидам.
Ќе се поттргнам да видам
јал ќе се тетеравиш и зајдеш
јал оската своја ќе си ја најдеш.
И нема да ти дадам ак немаш,
да видам кој ум во оскудност го имаш.
А и баш ќе ти дадам многу,
да видам дал можеш да носиш толку.
И што чоек ќе си према себе и други,
дал даројте ќе ти се царој ил слуги.
Не ти барам петки, ордени, плочи.
Не ми требаат мене, ќерко, значки.
Само среќата ти ја сакам в очи.
Ласкавите стебла се кршливи прачки.
Господар на себе да те видам.
Да се совладаш во добро и зло.
Снажна, а скромна да газиш по тло.
Доволно ми е што постоиш, добра,
што Негова си магична творба.
Те сакам ради што дишеш, моја една!
Ради самата себе си ми вредна.
Е. Н., јули, 2021
Прочитајте и „Е, баш ваква те цртав и замислував“ - Ева Нединковска ѝ го прослави 5-тиот роденден на ќеркичката (фото)
С. С. | Црнобело