Храбра Македонка: „Бев жртва на Јавна Соба, објавија слика од мене, се преплашив, не сакам веќе никој да страда“
- Детали
- среда, 27 јануари 2021
„Јас сум Ана, една од девојките која што беше објавена во Јавна Соба“ – вака започнува храбрата исповед на девојка од Кавадарци, чија слика заедно со невкусна порака и телефонски број, беа оставени во грозоморната група на Телеграм, со огромен број на членови.
фото: Инстаграм профил на Ана
Групата „Јавна Соба“ на Телеграм, во последниов период стана повторно актуелна, откако првиот пат беше згасната. Сега групата повторно брои илјадници членови, а МВР е во постојан обид да ја затвори и велат дека се преземаат сите мерки за да се расчисти случајот.
Сепак, дотогаш во групата се обелоденуваат лични податоци, јавни и приватни фотографии и видеа од девојки, кои не се ни свесни дека се жртви на невкусни преписки помеѓу членовите.
До каде може да оди умот на овие луѓе? Што е тоа што ги тера да навлезат длабоко во приватноста на девојките, да посакаат да им ја уништат честа, да ги посрамотат и притоа да објават јавно лични податоци од нив?
Во последно време, сè почесто храбро излегуваат девојки кои откриваат немил настан од минатото или сегашноста, обелоденуваат сексуално малтретирање и секаков тип на насилство во кој тие се жртви.
Помеѓу многуте жртви на Јавна Соба е и Ана од Кавадарци, 28-годишна девојка која одлучи дека не треба да се затвори дома, да дозволи на некоја неморална личност да си ја оствари целта и да ја уништи психички.
Напротив, таа одлучи јавно да проговори за своето искуство и со исправена глава да ги охрабри другите девојки кои поминале низ истото да проговорат и да го пријават случајот.
„Јас сум Ана, една од девојките која што беше објавена во Јавна Соба, чијашто слика беше симната од Инстаграм, но над сликата имаше оставено мои лични податоци и мој телефонски број и надолу опис од некоја личност, која сакала на некој начин да ми наштети или го направила тоа за забава. Ова е сликата која некој ја злоупотребил...“- започнува таа со својата видео исповед.
Таа им се обраќа на сите девојки кои поминале низ ова:
„Ова не е ваш срам. Ова е срам на некој друг кој сакал да ви наштети, на кој намерата му е да се повлечете, да не излегувате надвор, да немате социјален живот, да си ги нарушите односите со фамилијата, партнерот, пријатели, на работа, да паднете психички – немојте да дозволите, главата горе, не сте вие виновни што користите социјални мрежи, туку оние кои тоа го злоупотребуваат.“
Ана детално го опишува нејзиното искуство и испраќа силна порака:
„Почнав да добивам пораки и повици на мојот телефон, не знаев од каде, сè додека не добив скриншот. Мојата слика не само што беше објавена во јавна соба, туку тој некој ја препратил секаде.
Не знаев што да правам, испаничив, се преплашив, никогаш не сум доживеала такво нешто. Отидов во оддел за сајбер криминал да пријавам. Им ја покажав сликата, ги покажав пораките и повиците, дека имам со име и презиме луѓе кои ми пишуваа и ѕвонеа.
Кога слушнаа дека сум полнолетна, рекоа дека законот во нашата држава не може ништо да направи, бидејќи е само за малолетници. Бев беспомошна и бесна. Не знаев каде да се обратам. Изгубив секаква надеж, се разочарав.
Малку се повлеков, еден ден, но потоа продолжив со животот, иако пораките и повиците не престанаа и уште не се престанати. Кое ниско ниво на морал е тоа?
Единствено што можам да кажам е дека беше доста, претходно имаше многу жртви во вакви ситуации, ова треба да престане. Треба да се донесе закон што ќе не штити од ваков криминал. Секој еден може за нас да објави и напише што сака. Доколку се случи такво нешто на некоја ваша блиска личност, немојте да осудувате, но немојте и да молчите. Време е да прозбориме и ваквите ситуации да престанат.“
Ана е една од многуте жртви, кои длабоко во себе ги кријат овие чувства и се себе-уништуваат. Денес е Ана, но утре може да биде некоја друга. Наша блиска личност. Наша ќерка, сестра, роднина, пријателка, сосетка, колешка. Позната или непозната личност. Едно е сигурно - ниту една не го заслужува ова.
Да се надеваме дека овој случај што побрзо ќе се расчисти и дека храброста на Ана ќе помогне во иднина да не бидеме сведоци на вакви немили настани.
Им даваме целосна поддршка на Ана и девојките кои поминале низ иста или слична ситуација, кои дефинитивно не се сами во борбата.
Погледнете го видеото од исповедта на Ана:
М. М. | Црнобело