Пакомак одново награден за најдобра општествено одговорна практика во категорија „Заштита на животната средина“
- Детали
- понеделник, 07 ноември 2016
Во организација на Министерството за економија и на националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата (КТООП) свечено се доделија Националните награди за најдобри општествено одговорни практики на македонските претпријатија. Во категоријата „Заштита на животната средина“ во мали и средни претпријатија трета година по ред наградата ја доби Пакомак, овој пат за проектот „ЕCO café & restaurant“ спроведен во соработка со над 240 кафе-барови и ресторани на територија на цела Македонија.
„Задоволни сме и горди што нашите заложби се препознаени од КТООП и од Министерството за економија како практики што додаваат вредност на општеството и на локалната заедница. Но, морам да им честитам на останатите 38 компании што дадоа придонес и ги пријавија своите општествено одговорни практики спроведени во 2015 година, бидејќи и тие го даваат својот придонес во моделирање на системот на општествено одговорно однесување. Убедени сме дека ваквото делување ќе ја промовира Македонија и ќе помогне да се смени перцепцијата на нејзиниот идентитет во светот. Сликата за Македонија која има многу општествено одговорни компании што спроведуваат одлични практики е добар идентитет. Пресреќни сме што сме едни од оние што го креираат тој имиџ“ - изјави Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Проектот „ECO café & restaurant“ имаше за цел да ги поттикне кафе-баровите, рестораните, launch-баровите и сите останати угостителски објекти да ја користат и селектираат стаклената амбалажа како амбалажа што се рециклира и создава нова вредност. Акцијата беше насочена и кон едукација и информирање на сите субјекти со кои Пакомак има каква било соработка, но и поттикнување на поголема етика и подигнување на стандардите во угостителските објекти, во насока на креирање на чувство за одговорност, давање на позитивен личен пример и култивирање на навики за правилното однесување со амбалажниот отпад и заштита на животната средина.
Целта на доделување на националните награди за најдобри општествено одговорни практики е да промовираат позитивни примери на општествено одговорно делување и давање на инспирација за воведување и натамошно унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата. Годинава беа пријавени вкупно 38 проекти во различни категории за општествено одговорни практики спроведени во 2015 година. Националната награда се доделува деветта година по ред и е најсеопфатно признание во областа на општествената одговорност на претпријатијата што една компанија може да го добие во Македонија.