Најдобри другарки од Македонија традиционално си прават исти тетоважи - овојпат стих од Каролина Гочева
- Детали
- вторник, 12 ноември 2024
Најдобри другарки од Македонија традиционално роденденски си прават исти тетоважи. Овој пат Кристина и Драгана си истетовираа: „Каде и да сум, во било кое време животот е прекрасен со тебе…“
Kристина Штерјовска (31) и Драгана Станковиќ (29) од Скопје се најдобри другарки кои си направија исти тетоважи со стих од Каролина Гочева.
Фотографиите од тетоважите ги сподели и Каролина на Инстаграм Стори.
Кристина за CRNOBELO.com вели:
„Со мојата најдобра другарка Драгана почнавме со една традиција пред 3 години за нејзиниот роденден, а тоа е јас да ѝ подарувам ваучер за тетоважа, иста како мојата, односно веќе трета година по ред си ставаме исти тетоважи, а годинава тоа е стих од Каролина Гочева.
Се разбира, изборот за тетоважа е во консултација со Драгана.
За оваа тетоважа се одлучивме поради тоа што песната на Каролина „Сакај ме“ е една од нашите омилени од неа и стиховите гласат: „Каде и да сум, во било кое време животот е прекрасен со тебе…“
И реалноста е буквално таква - ние сме пресреќни што се имаме една со друга и можеме полесно да се соочуваме со предизвиците во животот.
Исто така, тетоважата ја направивме сега, непосредно пред моето заминување во Азија, како врска да нè држи блиску една до друга, во моменти кога ќе бидеме физички разделени.
Но, многу ни е мило што тоа се стихови од нашата Каролина, која ни е омилена пејачка од деца. Буквално ги знаеме сите нејзини песни.
Последен пат ја гледавме во живо на нејзиниот спектакуларен 1-во мартовски концерт во Скопје, каде и ја добивме идејата токму тие стихови да се нашите следни тетоважи.
На концертот на Каролина
Каролина е нашето македонско девојче и сме многу горди што можеме да му покажеме на Балканот и светот каква квалитетна музика и пејачка имаме.
Огромна благодарност и до Ива, нашата тату артистка, која ги реализираше нашите идеи во преубави тетоважи“.
Заедно на Тајланд во 2021-ва година
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело