Од Матка до Париз со Вашиот Глас и Поддршка #teamBOROVO
- Детали
- среда, 17 февруари 2016
#CanYouMakeIt е глобален настан организиран од RedBull во кој 165 тима од повеќе од 50 земји ќе се натпреваруваат патувајќи низ Европа користејќи го само RedBull како валута.
Македонија ќе има само еден тим претставник на натпреварот и тој ќе биде избран од 14-те тимови пријавени. Еден од пријавените тимови е БОРОВО, составен од студентите од ФИНКИ: Волхан, Борис и Марко. Со нив разговаравме околу нивното учество на настанот.
„Од првиот момент кога дознав за настанот, знаев дека мора да учествуваме. Им се јавив на Марко и Борис и тие беа подеднакво ентузијастични како и јас. По неколку дена, се собравме да разговараме околу концептот на видеото и по само 20 минути имавме 3 сценарија, сите со различна приказна. Гледавме видеа од минатиот натпревар и голем дел од нив беа со иста тематика и никое не се истакнуваше многу од другите. Целта ни беше да го направиме видеото поразлично, да направиме видео кое ќе го привлече вниманието на луѓето и истовремено ќе ги насмее. Горд сум што можам да кажам дека успеавме во тоа.“ - вели Волхан.
„Минаа неколку дека од почетокот на гласањето и сме меѓу првите 3 тима. Нема да бидам скромен и ќе кажам дека тоа место ни беше очекувано и воедно заслужено. Знаеме дека направивме одлично видео кое ќе му се допадне на секој што ќе го погледне. А како да не му се допадне - баба ми глуми! Не можам да ви го опишам задоволството кога ќе видите дека непознати луѓе го споделиле видеото бидејќи истото им се допаднало.“ - вели Марко.
„Добивме поддршка од повеќе од 1300 луѓе во првите два дена, што е навистина неверојатно. Мило ми е што на луѓето им се допадна нашата креативност и хумор. Изминатава година подготвувавме YouTubeChannel и ова е одличен начин да се отпочне истиот.А доколку одиме на ова патување тогаш ќе снимаме скриена камера и во европските градови. Инспирацијата за снимање на хумористични видеа е огромна, па оттука каналот ќе содржи и многу видеа со скриена камера.“ - рече Борис
Сите кои не сте го виделе видеото, можете истото да го погледнете и да гласате на овој линк.