Иновативноста на „НЛБ Нов пензиски фонд“ му донесе престижно европско признание
- Детали
- понеделник, 23 ноември 2015
Македонската компанија „НЛБ Нов пензиски фонд“ неодамна ја доби наградата „Best Sovereign Reserve Fund in Europe for 2015“ од страна на угледниот финансиски магазин „ИПЕ – Инвестиции и пензии во Европа“.
- Наградата е уште една потврда за успешната работа на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје, како и на НЛБ Групацијата, но истовремено е и признание за Македонија за успешното функционирање на целокупниот систем на капиталното финансирано пензиско осигурување. Имено, ИПЕ втора година по ред го препознава квалитетот на нашата работа и посветеност и ни доделува престижна награда во конкуренција на фондови со поголема традиција и далеку повеќе средства под управување, факт кој неможе да не остави рамнодушни и ни дава уште поголем елан за продолжување на успешната работа. – велат од НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје.
Според „ИПЕ“, „НЛБ Нов пензиски фонд“ ги исполнува критериумите за оваа награда поради неговиот задолжителен карактер, но најмногу поради неговата улога во реформираниот пензиски систем во Македонија. Образложувајќи ја наградата, жирито на „ИПЕ“ го оцени „НЛБ Нов пензиски фонд“ како фонд со иновативна и комплексна инвестициска стратегија која е во функција на остварување на неговите цели.
Како особено позитивни страни во работењето жирито ги истакна управувањето со ризиците, фокусот на долгорочните перспективи на компаниите во кои се инвестираат средствата, како и развојот на човечкиот капитал кој e клучен во управувањето со пензискиот фонд.
Со оваа награда продолжува успешната приказна на Пензиското друштво кога станува збор за меѓународни признанија. Лани „НЛБ Нов пензиски фонд“ беше прогласен за најдобар пензиски фонд во Централна и Источна Европа од страна на угледниот финансиски магазин „ИПЕ – Инвестиции и пензии во Европа“.