Промовиран македонско-португалски разговорник - „Добродојдовте во Португалија“
- Детали
- сабота, 07 ноември 2015
Во кафе книжарницата Магор, пред голем број на пријатели на португалскиот јазик и култура, официјално беше промовиран првиот македонско-португалски разговорник, насловен како “Добродојдовте во Португалија”.
Автор и иницијатор на овој значаен културен проект е Даниел Божиновски, помогнат од неговите соработници Љубица Саревска и Vasco Rodrigues Lopes од Португалија.
Издавач на македонско-португалскиот разговорник е Јофи-скен, а истиот е испечатен во 1000 примероци. Содржи повеќе од 4000 зборови и околу 600 реченици, групирани во 16 тематски ситуации со кои што најчесто се сретнуваме за време на патување или престој во странска земја, сместени на 270 страници. Некои зборови се наведени неколку пати, бидејќи во зависност од ситуацијата во која се наоѓаат нивното значење се менува.
Разговорникот вклучува и дијалози за што полесно разбирање и користење на зборовите во одреден контекст, а за да се разјасни начинот на изговор, покрај секој збор е внесено и фонетско толкување. Покрај комуникациските содржини и интеракции, овој разговорник содржи и корисни информации за Португалија, нејзината култура и обичаи.
“Навистина сум горд што после долг период и напорна работа можеме и официјално да го промовираме првиот македонско-португалски разговорник. Станува збор за културен проект кој го работевме со голема љубов неколку години, и кој се надевам ќе претставува стабилен и цврст мост на соработка и доближување на македонската и португалската култура. Наменет е за сите оние кои патуваат или престојуваат во земја каде што се зборува португалскиот јазик, како и за оние кои сакаат да го изучуваат. Разговорникот треба да ја олесни комуникацијата на луѓето кои не го говорот португалскиот јазик, и да ја разгори љубопитноста за подлабоко негово изучување. Јазикот е жива материја, еволуира, се менува, поради што очекувам речникот во иднина да се дополнува и надградува, да вклучи нови соработници, и да придонесе кон трајно македонско-португалско пријателство”, изјави пред присутните авторот Даниел Божиновски.
На настанот присуствуваа голем број љубители на португалската култура, а музички настап имаа познатите Amali Baraona, Динко Стипанчев и Тони Китановски кои преку музичката изведба претставија дел од португалската култура.
Португалскиот јазик припаѓа на романската група на јазици, а потекнува од латинскиот јазик. Денес, како мајчин јазик се зборува од повеќе од 200 милиони луќе во светот и од уште многумина како втор јазик. Официјален јазик е во Португалија, Бразил, Ангола, Мозамбик, Зеленортските острови, Источен Тимор, Гвинеја Бисао и Екваторијална Гвинеја, а се говори и во некои поранешни португалски територии како Гоа или Макао, со што тој со право се смета за еден од нај зборуваните јазици во светот.
Португалија е најзападната европска земја, сместена на Иберискиот полуостров, позната по својата историја, живописност и прекрасни плажи, вински предели од кои доаѓа и светски познатото вино Порто. Земја на потекло на славните морепловци и историски личности од XV век и XVI век како Фернандо Магелан, Бартоломео Диаз и Васко де Гама. Португалија е земјата каде завршува копното на европскиот континент и започнува непрегледниот Атлантски океан.
Овој разговорник овозможува поблиску да се запознаеме со оваа чудесна земја и барем малку да ја доживееме португалската приказна.
За авторот – Даниел Божиновски
Даниел Божиновски е роден во Скопје, во 1983 година. Во 2006 година дипломира на Филозофскиот Факултет во Скопје, на катедрата за Историја на Уметноста. На истата катедра, во 2009 година се стекнува со титула Магистер по Поствизантиска Уметност. Од февруари 2010 година живее во Лисабон, Португалија, каде што од 2012 година работи на својата докторска теза од областа на музеологијата, на универзитетот УНЛ – Универсидаде Нова де Лисбоа. Авантуристичкиот дух и големата љубопитност најдобро ги изразува преку изучување јазици, со што тој денес ги владее англискиот, португалскиот и италијанскиот јазик, а има и солидни познавања од шпанскиот и грчкиот јазик. Даниел верува дека најдобар начин да се запознае една култура е преку изучување на нејзиниот јазик.