Катарина Ивановска е новата „Најмила” на Панчо и Андреј
- Детали
- среда, 04 март 2015
Март е месец на дамите, а Панчо и Андреј ДНК одлучија да им го честитаат на сите свои обожавателки и да покажат како треба да се однесуваме кон нив, со нова песна, едноставно насловена како – „Најмила”.
Песната за која музиката и текстот се дело на Панчо, а аранжманот на Лазар Цветкоски, ќе биде претставена преку видео запис во кој најмилата на ДНК ќе биде претставена во ликот на најпознатиот македонски топ модел во светски рамки.
„Со Андреј конечно одлучивме да ви ја претставиме нашата најмила! Овојпат, се работи за нашиот, но и светски познат топ модел , Катарина Ивановска, која навистина одлично се вклопи во целата приказна на спотот за нашиот нов сингл „Најмила”. Верувам дека, за месецот на дамите, нашата „Најмила” ќе биде вистински подарок и благодарност од ДНК, за нивната љубов кон нас сите овие години. За крај, огромно благодарам до Бане Поповиќ и Томато Продукција, кои како и секогаш до сега, направија врвна видео приказна”, изјави Панчо, по снимањето на првите клапи на видео записот.
Спотот за „Најмила” се снимаше во Брик Бар, приватен апартман и на уште неколку локации во главниот град. Комплетната видео реализација е дело на Томато Продукција, а од таму најавуваат интересна и урбана приказна, нешто што е карактеристика и препознатлив елемент за видео записите на ДНК.
Официјалната промоција на спотот ќе се случи во првата половина на месец март, кога се очекува спотот и синглот да се појават во македонскиот музички етер. Со „Најмила”, Панчо и Андреј најавуваат уште една година исполнета со нови хитови, кои ќе продолжат да освојуваат нови срца и фанови низ Македонија.