Новата серија „Државна секретарка“ од сега достапна на Pickbox
- Детали
- среда, 22 октомври 2014
„Државна секретарка“, нова серија на Си-би-ес, во САД премиерно е прикажана на 21 септември, а од 19 октомври ексклузивно е достапна на Pickbox, регионалната интернет телевизија, во рубриката Hotbox.
Со ова Pickbox за своите корисници обезбеди ексклузивна можност за следење на најгледаните американски серии само 24 часа по Америка, и тоа шест месеци пред која било друга телевизија да може да го емитува новиот телевизиски хит на Морган Фримен.
Оскаровецот Морган Фриман, еден од десетте најдобро платени актери, има култен статус во филмската индустрија. Како извршен продуцент на серијата, бил одговорен во неа да се појават најеминентни актери, а бидејќи со Теа Лиони се има запознаено на снимањето на филмот Длабок удар (Deep Impact), во која тој го играше претседателот Бек, а Лиони му беше партнерка, изборот на главната актерка за серијата не бил тежок. Со актерската екипа што ја собрал во серијата, се надева дека таа ќе го повтори успехот на Западното крило (West Wing).
Теа Лиони во улогата на Елизабет Мекорд, смелата и решителна новоизбрана министерка за надворешни работи на најмоќната држава на светот, во серијата „Државна секретарка“ е попаметна, побрза и похрабра од сите што се околу неа и спасува надворешно политички кризи една по друга. Како и секоја современа жена, Елизабет е распната меѓу работата и семејството, додека соработниците постојано ја проверуваат и се сомневаат во секоја нејзина одлука.
Во непријателска средина на работа, каде што секој соработник има некоја скриена намера, министерката Мекорд секогаш успева да ја задржи смиреноста и не влегува во расправии.
Во ликот на Елизабет, американските гледачи препознаа романизирана Хилари Клинтон, но за разлика од неа, Елизабет не само што не ја интересира претседателската функција - таа не сакала ни да биде шефица на дипломатијата.
Елизабет е поранешна аналитичарка на ЦИА која станала универзитетска професорка и со мажот, исто универзитетски професор, живее на фарма за коњи со двајца тинејџери. Таа ја напуштила работата во ЦИА од етички причини, со што покажала дека е, всушност, најмалку подобна за работа во политиката.
Срце на серијата е брачниот однос на двојката Мекорд, а авторите тврдат дека нивниот однос ќе функционира одлично во текот на целата серија затоа што има премногу серии кои покажуваат дека за жените е невозможно да имаат и успешна кариера и складен брак.
Авторката на серијата, Барбара Хол (Татковина, Судијката Ејми, Чикаго Хоуп) вели дека е важно да се разбие тој стеротип, според кој жена со успешна кариера не може да биде среќна и приватно.
„Државна секретарка“ го следи новиот телевизиски тренд во кој главните улоги ги имаат јаки жени во политиката. Пред само пет години единствена серија за жена во политиката беше „Добра жена“, која ја следи приказната на жена на гувернер прељубник, а денес има сѐ повеќе хероини што ја кројат светската политика и решаваат глобални кризни ситуации во ударните телевизиски термини.
Новата серија на Си-би-ес, „Државна секретарка“, со 12,66 милиони гледачи во Америка, ја надмина дури и „Добра жена“ според гледаноста - неа ја гледаа 11,2 милиони Американци.