Google започнува да вози по македонските патишта за Street View
- Детали
- понеделник, 22 септември 2014
22 септември 2014, Скопје - Гугл денеска најави дека ќе започне да вози низ Македонија, со цел да го подобри квалитетот на Google Maps и да собере слики за популарната опција Street View. Од 29 септември, Гугл автомобили ќе започнат да возат и да собираат 360° фотографии во Скопје и Битола, како и во другите поголеми македонски градови. Возењето понатаму ќе продолжи со покривање на помалите градови и села, во текот на наредната година.
Street View е многу популарна опција на Google Maps која беше лансирана во мај 2007 година и е веќе достапна низ 59 земји. Таа им овозможува на корисниците виртуелно да истражат и да се движат низ одредено маало, преку панорамските слики направени на реално ниво од улицата. Опцијата е возможна исто така во Google Earth и на мобилната верзија на Google Maps.
Планирано е да се започне со возење во Скопје, кое наскоро ќе се прошири низ другите градови и села, започнувајќи со најголемите градови и најинтересните места во Македонија. Планирано е да се покрие максимум од патната мрежа во текот на наредните неколку месеци. Реалните планови на возење често пати зависат од фактори кои се надвор од човечката контрола, па поради тоа ќе има постојани ажурирања околу тоа каде ќе оперираат возилата.
Повеќе општи информации откријте на веб страната, веднаш штом започне возењето.
Собраните фотографии ќе бидат обработени и внимателно споени, што е технолошки процес кој може да одземе неколку месеци. Тие ќе бидат достапни подоцна на Street View на Google Maps.
Гугл напорно работи на одржување на приватноста, додека им дозволува на сите корисници да имаат бенефити од оваа опција. На сликите наменети за Street View, пред да бидат објавени, ќе има замаглување на лицата и регистарските таблички, на сите слики. Кога сликите ќе бидат достапни, луѓето ќе имаат можност да пријават слики за дополнително замаглување со кликање на “report a problem” опцијата на долниот лев агол на сликата, по што пополнуваат краток формулар каде наведуваат прецизно која слика треба да се замагли.
На локациите каде Street View е достапно, може да пристапите кон слики на street level преку зумирање на најниското ниво на Google Maps и со кликање на Street View слика на левата страна под табот за пребарување или пак преку влечење на портокаловото ”Pegman” човече на мапата, за да се пренесе на street level.
Ќе може да проверите ресторан пред да пристигнете, да направите планови за патување, да договорите локации за средби, или пак да добиете помош за домашната работа по географија. Оние кои бараат куќи може да заштедат време преку истражување на имоти и нивното окружување пред да ги посетат, а истовремено и да пронајдат и упатство за возење до таму. Исто така пред да заминете на одмор можете да ја проверите точната дестинација и да го пронајдете хотелот и местата околу него, каде што треба да го поминете вашиот долгоочекуван одмор.
Бизнисите исто така може да имаат бенефит од Street View технологијата преку бесплатно вметнување на Google Maps директно на нивните веб страници, што би им помогнало, на пример, да промовираат ланец на хотели, или пак да ја зголемат свесноста за локална библиотека или ресторан.