Тројца студенти од Македонија ќе стажираат во Грац
- Детали
- петок, 31 август 2012
Хелена Зикова, Љупче Петровски и Елена Ќосевска беа прогласени за победници од конкурсот за стипендии за обука и стажирање во „Штаермеркише Шпаркасе" Грац.
Програмата во Македонија се реализираше со поддршка на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" Скопје, во соработка со Универзитетот во Грац, „Штаермеркише Шпаркасе" и „Шпаркасе Банка" Македонија.
Наградите ги доделија претседателот на УО на Шпаркасе Банка, Сава Далбоков,член на УО на Шпаркасе Банка, Александра Радиќ и Деканот на Економскиот факултет Проф.д-р Љубомир Дракулевски.
„Грижата за заедницата во која работиме е клучен дел од филозофијата на Шпаркасе. Штаермеркише Шпаркасе дава безрезервна поддршка на социјални, културни и проекти од областа на образованието, како во Штаерска, така и во Македонија. Соработката на проектот "Best of South-East", со Економскиот факултет и Универзитетот Св. Кирил ќе продолжи и во наредните години. Шпаркасе Банка, се заложува и ќе вложува во младите квалитетни кадри давајќи им можност да влезат во професионалниот свет и да добијат слика за работењето во банкарски сектор", изјави Далбоков, претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија, по доделувањето на наградите.
Тројцата наградени од вкупно десет кандидати на овогодинешниот "Best of South East" се Хелена Зикова и Љупче Петровски кои ја освоија наградата од програмата за стажирање и своето школување ќе го продолжат на универзитетот во Грац, а по завршувањето ќе добијат двомесечно стажирање во „Штаермеркише Шпаркасе" на една од нејзините локации во Штаерска или во Југоисточна Европа. По враќањето ќе ја продолжат праксата во Шпаркасе Банка.
Елена Ќосевска доби едногодишна обука во „Штаермеркише Шпаркасе "или во друга компанија во Штаерска, додека последниот месец од обуката ќе го мине на една од локациите во Југоисточна Европа, а дополнителна пракса ќе добие и во Шпаркасе Банка.
Деканот на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј - Скопје, Проф. д-р Љубомир Дракулевски ја потенцираше успешноста на оваа соработка на проектот "Best of South East" кој пред сé има за цел да го унапреди образованието и да им овозможи влез во професионалниот свет на студентите и дипломираните кадри.
Покрај главните награди, Шпаркасе Банка Македонија награди уште тројца кандидати кои постигнаа одлични резултати на изборот за Best of south East.
Соработката помеѓу Банката и Универзитетот ќе продолжи и во иднина, за што е склучен и Договор за соработка за изведување практична настава на студентите.
Шпаркасе Банка Македонија последната година акцент стави на општествената одговорност како стратешки приоритет во корпоративното управување. Иницијативите во доменот на вложување на општествени добра веќе се видливи и вклучуваат бројни проекти, меѓу кои и оние од доменот на развојот на најмладите и образованието.