„Бунтовната принцеза“ на македонски јазик: Успешна пред-премиера во Скопје
- Детали
- четврток, 17 април 2025
Во пријатна и свечена атмосфера, на 16 април во 19 часот во Cineplexx во Скопје се одржа претпремиерата на анимираниот филм „Бунтовната принцеза“, британско-кипарска копродукција што го освои вниманието на најмладата публика – и тоа синхронизирана на македонски јазик.
Настанот ги собра љубителите на анимацијата, родителите и децата, како и самите актери кои ги позајмија гласовите за македонската верзија. Присутните имаа можност да се сретнат со нив, да слушнат интересни приказни од снимањето и да направат фотографии со позајмувачите на гласовите зад нивните нови омилени ликови.
Синхронизацијата на филмот ја реализираа Тик-Так Аудио и Апофениа пост, студија со големо искуство во областа на звучното адаптирање.
Тик-Так Аудио е носител на сите права на територијата на Македонија за овој наслов, за период од 7 години, што претставува важен момент за развојот на локалната индустрија на синхронизација и за подигнување на стандардите во оваа сфера.
Филмот веќе може да се погледне во Cineplexx во Скопје, како и во Киноверзум кината, 3Д Кино Битола и во останатите кина и културни домови низ целата република овозможувајќи им на децата и родителите од сите делови на земјата да уживаат во ова анимирано остварување на својот мајчин јазик.
„Во следниот период, „Бунтовната принцеза“ сакаме да биде достапна и на домашните стриминг платформи и ги повикувам сите дистрибутери за дигитални содржини да нè контактираат за да ги договориме условите за соработка“ – рече Петар Николоски, извршен продуцент на Тик-Так Аудио
Младата актерка Миа Кантарџиева беше едно од најсветлите имиња на вечерта, со изведба што беше топло поздравена од присутните. Таа успеа да ѝ даде душа на насловниот лик – храбрата, одлучна и по малку инаетлива принцеза која одбива да го следи утврдениот кралски пат.
Тони Цифровски, новинар на Македонското радио, присуствуваше на проекцијата и даде свој впечаток:
„Визуелно инспиративната британско-кипарска копродукција ‘Бунтовната принцеза’, надополнета со гласови од врвни македонски актери, не само за најмладата публика нуди авантура во која несомнено се ужива.“
Тој посебно ја пофали Кантарџиева, додавајќи:
„Миа Кантарџиева со својата гласовна инвенција е буквално 'родена' бунтовна принцеза…“
Цифровски истакна и поширокото значење на ваквиот проект:
„Ова е проект што остава сериозен простор за можност да се добие дозвола за македонско гласовно оформување на неприкосновените остварувања од Дизниевата продукција…“
„Бунтовната принцеза“ нуди приказна за млада девојка која не се задоволува со улогата што ѝ е доделена од општеството. Наместо тоа, тргнува во потрага по вистинската себе – приказна полна со авантура, емоции и инспирација за младите гледачи.
Ова претпремиерно прикажување не само што ја промовираше филмската приказна, туку и ја афирмираше важноста на квалитетната синхронизација на македонски јазик, со внимателно адаптирани дијалози, звучна режија на високо ниво и гласови што совршено се вклопуваат во карактерите.
Со „Бунтовната принцеза“ македонската публика добива уште едно вредно анимирано дело на свој јазик, а македонските креативни студија и актери повторно покажаа дека се подготвени за највисоки предизвици на интернационалната сцена.
Би можело да ве интересира:





