Елена Ристеска цел месец немала име, Агнеса прво била Снежана: Како требало да се викаат познатите Македонци?
- Детали
- вторник, 25 февруари 2025
Елена Ристеска за CRNOBELO.com откри дека, освен што цел месец била без име, нејзините родители го избрале името на среќа, преку ливчиња. Милена Антовска за малку ќе била Добринка, а Перо Антиќ е крстен по дедо му.
Скоро сите имаме интересна приказна зад името кое го носиме.
Некои се крстени по некоја баба или дедо за да се сочува семејното име, други името го добиле според желбата на кумот, а трети, пак, имаат необични имиња кои воопшто не се врзани со семејната традиција.
Прашавме наши спортисти, музичари, инфлуенсери, новинари и луѓе од јавниот живот како го добиле името и дали можат да замислат да се викаат поинаку.
За некои во план било друго име, а некои го добиле единственото име што им се допаѓало на нивните родители или кумот.
Ова се нивните забавни приказни:
Кошаркарот Перо Антиќ има стотици прекари кои му ги дала баба му
„Колку што знам, по старите обичаи, брат ми требал да го земе името на таткото на татко ми, а јас на таткото на мајка ми.
Но татко ми не сакал син му да се вика Живоин, па на брат ми му го дале името Александар, а мене ме оставиле како другиот дедо – Перо.
Моите често ми велеле дека им е жал што не сум имал шанса да го запознам дедо ми чие име носам, зашто сум бил ист како него. Искрено, и мене ми е жал поради тоа, но таков е животот.
Не можам да се замислам со друго име, искрено и доволно ми е што баба ми од моето име Перо знаеше да измисли нагалено уште 100 други имиња“.
Пејачката Елена Ристеска за малку ќе била Ана
„Сум требала да се викам Ана или Елена, тие биле двете опции. И може скоро месец дена сум немала име.
Мојот драг починат чичко Раде, брат на татко ми, прашал: „Ќе го крстите ли детево конечно? Не може да го викам бебето или бебево“.
По месец дена напишале на ливчиња опции кој, што, како мисли и на крајот тоа се сумирало на Елена и Ана.
И се извлекувало - не знам дали тоа го направила мајка ми или татко ми, но го извлекле ливчето Елена.
А, дали може да се замислам со друго име, не знам, најверојатно е и тоа навика.
Е сега, ако ми ставеле некое чудно име, неприфатливо, можеби и сама би си го сменила по 18-та година.
Си го сакам името Елена. Плус е интернационално, и звучи различно на странски јазици, а и лесно се изговара. Така што, среќна сум си со името“.
Инфлуенсерката Агнеса Органџиева прво била Снежана
„Јас сум родена на 1-ви декември, за мене најубавиот месец во годината, бидејќи тогаш е студот, а студот го поднесуваат само храбрите луѓе.
Мојата мајка Гордана, која ми поклони душа на овој свет во 1983 година, со маки била донесена во болница.
Додека се пораѓала, погледнала низ прозорецот и видела како во тој момент почнал да паѓа првиот снег.
Бабицата во тој момент ѝ рекла: ’Гордана на овој свет донесе бело ангелче, девојче како првиот снег што падна. Како ќе се вика?'
Во тој момент мајка ми кажала Снежана.
Кога ја сместиле во одделот за мајки почнало ’најјакото‘ – мајките на сите девојчиња им го дале истото име – Снежана.
Мајка ми во тој момент била многу разочарана, зошто сакала да биде единствена со тоа име.
Следниот ден во болницата дошла нејзината прва братучетка Сунчица, која е мажена во Париз со Французинот Даниел Аде.
Тие чукнале со камче на прозорецот, и кога мајка ми се појавила, двајцата насмеани ѝ кажале: ’Madame Gordana, nous avons le nom de votre fille‘ или во превод ’Госпоѓо Гордана имаме име за твојата ќерка'.
Ѝ подале ливче на кое пишувало Ањес на француски односно Агнеса.
Мајка ми од среќа почнала да плаче зошто го добила тоа што го сакала. Денес често ми раскажува дека во тој момент ме зела во прегратки, ме бакнала и рекла: ’Нека ова име Агнеса ти донесе здравје и долг живот душо моја‘.
Инаку, името Агнеса значи ’бело јагне‘, а ми било дадено по Света Агнеса која била родена на 21 јануари 290 година од нашата ера (Saint Agnes, Virgin)“.
За фризерот и шминкер Даниел Николовски неколку имиња на буквата „Д“
„Моите кумови имаат направено листа од неколку имиња, меѓу кои биле и Дарко, Давор и секако, Даниел, за кое се одлучиле моите родители.
Поточно, името ми го дала мојата мајка, по во тој момент, популарниот пејач Даниел Поповиќ познат по евровизискиот хит „Џули“.
Во тинејџерските денови можеби ми пречеше што никој немаше име како мене во моето училиште и немав со кого да се поистоветувам, но подоцна многу си го засакав и денес не би го променил за ниту едно друго име“.
Елена Најдоски како дете сакала да си го смени името
„Кумот и моите родители биле едногласни дека сакаат да се викам Елена, името им делувало аристократски.
Но, јас како мала многу сум плачела зашто имало некоја баба Лена, па ме зафркавале дека имам име како на баба, и затоа многу сум сакала да го сменам.
Моите не ми дозволуваа, ми велеа дека Елена е многу убаво име.
Па, денес ако ме прашате - не, никогаш не би си го сменила.
Единствено имав промена на името кога работев во Antenna 5. Бидејќи бевме две Елени, моето уметничко име беше Ена, а јас ја водев емисијата „Чао Антена со Ена“.
Лена денес ми е преубаво име, но ете, ако треба да бирам кратенка, тогаш тоа би било Ена - ми звучи убаво и секси“.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





