Вишна од Кавадарци за CRNOBELO: „Се породив во вода вторпат - болките се многу помали“
- Детали
- петок, 14 февруари 2025
„На истиот датум, пред 5 години, го родив и првиот син, на истото место во болница во Битола, исто така во базен со вода. Водата е навистина нешто најдобро што може да ти се случи како родилка - го опушта телото, а болките се многу помали. Надвор од базенот болките ги оценив со 10-ка, а кога влегов внатре се намалија на 4“ - раскажува Вишна од Кавадарци за CRNOBELO.com, која пред неколку дена го роди и своето второ дете во вода.
Вишна Ристовска од Кавадарци е мајка на две деца, кои ги роди по природен пат во приватна болница во Битола, во базен со вода, наменет за породување.
Второто бебе го роди на 10.02.2025, а два дена подоцна, додека уште беше во болница, таа наполни 35 години, па приновата ѝ е најубавиот подарок што можела да го посака.
Интересна коинциденција е тоа што првото синче е родено на истиот ден пред 5 години, во 2020-та, па на денот на породувањето со второто дете, таа примала роденденски честитки и за синот, кој претходно го испратила во градинка, па тргнала на пат кон болницата.
За породување во вода таа се одлучила уште во првата бременост кога пријател ѝ го препорачал, а и вториот пат не се двоумела да се породи на ист начин, бидејќи ги почувствувала бенефитите.
На 12.02.2025, за CRNOBELO.com, Вишна телефонски ни го раскажа нејзиното искуство, додека уште беше под импресии:
„Моментално уште сум во болница, утре си заминуваме, но се чувствувам одлично, се движам и уште веднаш по породувањето станав сама без проблем.
Моето искуство со породување во вода е многу позитивно, не сум човек што сака да излегува во јавност, но ова го правам за и други жени да се охрабрат на овој чекор.
Уште во 2020-та кога бев бремена со првото дете, пријател ми кажа дека кај нас има болница каде може да се породиш во вода и дека тоа е нешто што јас би го сакала.
Јас случајно го избрав докторот Владимир Поповски и за рутинските прегледи, а потоа тој беше задолжен за моето породување во вода, и тогаш и сега, и навистина беше многу добар, со посебна енергија и искуство кое се чувствува во просторијата. Интересно е дури и тоа што случајно испадна дека докторот има син по име Огнен, а јас второто дете го крстив така, без да знам.
За да се породиш во вода, важно е сите претходни испитувања во текот на бременоста да се со добри резултати и во граници на нормала, трудницата да е добра, а докторите одлучуваат дали може да се случи породувањето во вода.
Со првото дете, ми пукна воденикот во Кавадарци, веднаш тргнав на пат кон Битола и додека да стигнам веќе имав многу силни болки. Им реков – правете што ќе правите, или ставете ме во вода или ставете ми епидурална.
Ме прашаа од 1 до 10 колку ми се силни болките – реков 10. Потоа ме ставија во вода и кога ме прашаа колку ми се силни болките во вода, реков 4 и веќе се издржуваше. Водата многу ме опушташе и мене и мускулатурата.
Се чувствуваат болки, но беа пократкотрајни контракциите и помалку болни. Во вода ме ставија во 10.30 часот и едвај бев отворена 3 прста, а се породив веќе во 14.30.
Сега, со второто, се породив уште полесно и побрзо, во 12 часот на пладне ме ставија во вода, до последно бев на телефон и примав честитки за синот на кој му беше роденден, а се породив во 13.30.
Водата е навистина нешто најдобро што може да ти се случи како родилка, посебно ако го имате вистинскиот доктор покрај себе. Бев опуштена, отворањето оди побрзо, болките се помали, а на крај воопшто не бев истрошена и измалтретирана, дури блиските се шегуваат со мене дека на фотките по породувањето уште ми стои шминката.
Би било добро повеќе болници да имаат ваква опција. Целиот процес се одвива природно, без провокации, без епидурална, без правење засеци. Немам никакви проблеми да седам и да се движам и едвај чекам да си одиме дома, да си го видам и другото синче“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114748_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113483_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_113800_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_108351_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_109698_400.jpg)
![](https://www.crnobelo.com/media/com_jvrelatives/images/thumbs/com_content_114409_400.jpg)