Нина Ред за патувањето во Дубаи: „Во некои ресторани треба да потрошиш најмалку 130 евра, Бурџ Халифа не ме воодушеви“
Нина кажа и дека неколкупати низ градот се движела со такси (за што користела апликација) и дека дневната и вечерната тарифа варираат, па ако преку ден платиле 12 евра, навечер им побарале 34 евра.
„Нормално, не го зедовме тоа такси. Со локалните таксисти може да се договориш за некоја цена, но ако им е погоден денот или ако не ги надгледува полицаец.
Имаше еден што мораше да го праша полицаецот дали смее за одредена километража да ни даде одредена сума. Инаку, има метро и далеку е поевтино, па затоа велам - кој што преферира“.
Таа сподели и дека видела многу работи, но дека постојат уште многу нешта кои сакале да ги види, на пример новиот музеј, стариот дел на градот, да се вози со авионче над Дубаи или да скока со параглајдер, но и да проба многу од храната што се нуди таму, зашто, како што вели, со храната може да „ја купат“.
Ја прашаа и дали би се преселила таму, но инфлуенсерката искрено вели дека не е сигурна.
„Не е лесна одлука, не знам. Но, дали размислувам да бидам таму две недели за почеток - апсолутно да. Уште сум под импресии, но не сакам да избрзувам со такви сериозни одлуки.
А многу ми беше мерак да станам сабајле, да трчам низ градот, да си спортувам, да разгледам наоколу. Не се стига, ох. Но, обавезно ќе одам годинава уште еднаш“, одговори Нина.
„Дали е градот безбеден во секоја смисла?“ - ја прашаа Нина.
На ова Нина кажа дека сакала и самата да го провери тоа, па на аеродром ги оставила чантата и куферите, но никој не ги ни погледнал.
„Гајле им е за мене и мојата ташна, да ви кажам право. Милиони се насекаде, не им дошло до мене и моето куферче.
Вторпат го тестирав ова и на базенот. Оставивме паричник, отворена чанта и одевме да пливаме на другата страна. Се вративме по 30 минути и сè беше непоместено.
Не знаете колку камери имаат. За tax free (поврат на данок) не им треба фискална сметка - те имаат во систем кај си била, што си купила, кај си се движела - само име и презиме и ме вади електронски, што бев изненадена“.
Нина откри и дека за многу работи била шокирана - на пример дека никаде не видела ѓубре, дека сите се културни, никаде не слушнала повишен тон и слично.
На прашањето дали Дубаи е за со мали деца, таа сподели фотографија од ресторан, на која пишува дека децата под 7 години може да јадат беспари.
„Зависи како ти би можела да издржиш. Ако доаѓаш да прошеташ сè да не ти дојдат премногу обврски. Не знам ни колкави се децата. Секако дека можеш. Само повеќе е тоа како би се снашла“, вели Нина.