Позитива на денот: Учениците од „Никола Карев“ направија куќички за бездомни животни – прво пет-френдли училиште во земјава
За иницијативата, желбата, инспирацијата и целата подготовка на настанот, учениците од гимназијата велат:
„Летово се објави настан од ЈП Лајка за тие што се заинтересирани да им помогнат на кучињата, па така неколку мои другарки и јас решивме да им се приклучиме. Во моментот кога ги погледнав тие невини, кучешки очиња ми се роди желбата да организираме некој хуманитарен настан за да им помогнеме.
Им ја предложивме идејата на некои од професорите и навистина добивме огромна поддршка од нив. Од денешниов настан не можев да бидам повеќе задоволна и сигурна сум дека ќе се развие свеста на многу наши врсници“ - Нора.
„Искрено, добив иницијатива од мојата љубов кон животните, а и интересот во градењето. Нашето училиште ни овозможи да ги искористиме оштетените клупи и да ги трансформираме во куќички. Сега Коста може да спие во топло и покриено место“ - Aња.
„Желбата се роди така што едно од бездомните кучиња секојдневно влегуваше во училишните простории, и нè поттикна да направиме негов дом кој би се наоѓал во училишниот двор. Пред сè, ми се допадна идејата што со малку труд можеме да му пружиме на некој што е беспомошен и безгласен свое место за засолнување при дожд снег и слично.
Од вчерашниот настан сум многу задоволен, пред сè што имаше базар на кој за симболични цени може да се купат различни работи за посетителите и за нивните миленици и истите тие средства да бидат употребени за добротворни цели во Ј.П Лајка“ - Методија.
„Инспирацијата за куќичките што ги правевме во изминативе неколку недели беше грижата за животните кои немаат свој дом и немаат каде да ја поминат ноќта, на безбедно место каде што нема да ги им студи или дува.
Клубот го започнавме затоа што веруваме дека секое животно заслужува топол и сигурен дом, како и поддршка од заедницата. Затоа, куќичките ги изработивме со многу љубов и искрена желба да помогнеме и да направиме промена во животите на овие животни“ - Вања.
„Идејата за клубот беше генијална, а главна инспирација ни беше единствениот Коста. Мило ми е што како училиште се сплотивме и дадовме сè од себе да му обезбедиме на Коста топол и безбеден дом, но уште повеќе се гордеам што сите пруживме напор да помогнеме на останатите улични животни во градов. Се надевам дека повеќе училишта ќе ја следат и применат нашата идеја, со цел да го подобриме животот на кучињата кои живеат на улиците“ - Ева.
„Инспирацијата ја добив од Коста и мојата љубов кон животните. Гледајќи како живеат во тие мизерни услови, без никаква помош. Ние им дадовме рака и почнавме да правиме промена. Ова е само првиот чекор од оваа огромна мисија. Нашето училиште овозможи да ги искористиме оштетените клупи и да ги трансформираме во куќички. Се надевам дека овој проект може да прерасне во нешто многу поголем“ - Драган.
„Љубовта кон животните беше мојата главна инспирација во овој проект. Навистина е прекрасно тоа што оваа идеја дури и ги надмина нашите очекувања. Од мала шега премина во реалност. Овој проект ни покажа дека и ние можеме позитивно да дејствуваме врз околината. Самата идеја е фантастична и покажува грижа, емпатија и солидарност. Клубот има позитивен ефект и на животните и на нас и ни овозможува да работиме заедно и тимски“ - Марко.
М. М. | Црнобело