Каде е и што прави денес Игор Узунов - финалистот на М2, кого животот жестоко го предизвика?
Тие што ја знаат мојата музичка приказна знаат дека првпат запеав на „Мелфест“ во Прилеп, а потоа бев еден од финалистите и победниците на М2 продукција.
Беше тоа далечната 2002 година кога ја испеав „Ми требаш како молитва“.
Подоцна, дојде соработката со еден од моментално најдобрите турски актери, врвен музичар и композитор Бертан Аслани и ми донесе многу хитови, уште повеќе награди и признанија ширум светот, а најдрага ми е гран при наградата од Кипар за песната „Постојам“ во 2012 година.
Во меѓувреме, Бог имал планови мојата желба да станам пилот да ја претвори во музика, но претходно со многу перипетии.
Жив човек, а болестите се секојдневие за многумина од нас, па така беше и за мене. Но, од нас зависи дали и колку ќе се избориме.
Никогаш не сум сакал да ме жалат. Па, и во најтешките моменти кога се борев со најтешките болести, се борев сам со себе, длабоко во себе, молитвата и вербата ми помогнаа да ги пребродам тие тешки денови.
А, искрено пеколно тешко беше. Но, ете ме! Постојам.
Борбата со ракот и леукемијата не е лесна. Но, волјата за победа и живот придонесува за постигнување на целта.
Сакам да им порачам на сите што се борат – животот е убав, а мислата и вербата во божјата моќ лекуваат, прават чуда. Никогаш, никој да не размислува песимистички.
И ден денес се борам, но не се предавам. Уште долго ќе пеам и ќе го работам она што најмногу ме исполнува.
Инаку, постојано сум на релација Гевгелија – Минхен, каде што го наоѓам својот мир и љубов од најблиските.
Уживам да патувам, да се радувам на животот и да помогнам каде што можам.
Инаку, имам и друга професија која не е баш атрактивна, но мене лично ме исполнува. А, најважна е личната среќа, зар не?
И, сега кога сум во моите средовечни години, ситнејќи ја петтата деценија имам уште повеќе елан за творење и ништо нема да ме запре.
Секој ден е дар од Бог и ние треба максимално да го искористиме за да оставиме позитивна трага по која ќе бидеме запаметени“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело