Тања од Скопје нацртала 35 камчиња и ги оставила на грчка плажа: „Реакциите на луѓето кои ги наоѓаа беа бесценети“
Навечер по прошетките низ Полихроно разгледував на интернет објави за боење на камчиња и баш од таму си наоѓав идеи.
Јас немам талент за цртање ама воопшто, моите деца очигледно, не се на мене затоа што двајцата се талентирани, ама имав огромна желба и трпение и истрајност во намерата да цртам.
Даријан нацрта пејзаж, а Ивана се нацрта себеси како лежи на душек на плажа.
И успеав да нацртам околу 35 каменчиња за 8 дена. Тематиката беше различна, гледав да биде повеќе поврзана со лето, а и ја прилагодував на мојот „талент“.
Искрено сакав да има и каменчиња со убави пораки, а на задната страна обично ја ставав ознаката за Фејсбук групата, ставав знак МК, моето име и лето 2024 напишано на англиски.
По природа сум човек кој сака да ги изненади другите и среќна ме прави кога ќе видам дека јас некого сум направила среќен, сум го изненадила со поклон, поголем подарок за мене од тоа нема.
Затоа решив сите каменчиња да ги оставам на плажа, да се израдува некој кога ќе ги најде. Ги оставав каменчињата на плажата во Полихроно, во кафуле во Ханиоти каде одевме неколку дена и на една од најубавите плажи на Касандра плажата Паљури.
Искрено возрасните не се радуваат баш како децата, па така решив камчињата да ги оставам намерно покрај пешкирите каде имаше деца, нормално без да ме видат.
За некои пронаоѓања на камчињата бев и присутна - толку беа среќни децата, не се опишува таа глетка, воодушевени беа.
Имаше едни девојчиња од Русија, според говорот, па татко се потруди да ја најде Фејсбук групата.
Имаше и едно мало девојче од Македонија, околу 5 години, со таткото беше на плажа и го најде камчето – јагода покрај пешкирот и беше пресреќно.
Камчиња оставив на 4 деца од Србија последниот ден, не знам дали ги најдоа тие или некој друг. На Паљури дадов едно камче на девојче од Германија, кое беше до нас и цело време ме набљудуваше додека цртам, а насмевката на нејзиното лице и тоа што не го испушти камчето од рака - чиста среќа.
Дечкото од кафулето во Ханиоти, ептен ги бендиса и сакаше да купи за неговата девојка, секако бесплатно си одбра едно, па за девојката му дадов едно на кое пишува „Ти си убава“.
Каменче подаривме на нашата нина Сани, која ни го чуваше домашното милениче, тигрицата Коки, додека бевме на одмор.
На Фејсбук групата „Kei Tof“ имаше објава од една мајка чие дете пронашло едно од моите каменчиња во Полихроно и така се најдовме, за што ми беше мило. Се надевам дека и другите каменчиња израдувале некого.
Целото ова искуство ми го потврдува она дека, ние возрасните треба од децата да учиме, колку малку за среќа е потребно, нешто што е битно во животот, а ние целокупно оптоварени со секојдневните обврски забораваме да живееме како што живеат децата безгрижно и среќно и со многу малку.