Таткото на Дарјан кој освои злато во Њујорк: „Нему му е полесно да ги реши задачите, отколку нам да најдеме пари за натпреварите“
- Детали
- вторник, 23 јули 2024
„Тој е исклучително вредно и дисциплинирано дете. Не му пречеше да го поминува поголемиот дел од летниот распуст во решавање задачи“ – раскажува за CRNOBELO.com Ненад Мирчевски, таткото на 13-годишниот Дарјан кој освои златен медал на математичка олимпијада во Њујорк.
Веста за златниот медал што 13-годишниот Дарјан Мирчевски го освои на престижната математичка олимпијада „Коперникус“ во Њујорк, брзо се прошири на социјалните мрежи и сите се горди на неговиот успех.
Со неговиот татко Ненад разговаравме за долгиот и трнлив пат што тие како родители морале да го поминат за да му овозможат на нивното дете воопшто да се натпреварува.
Дарјан е ученик во основното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, а беше единствениот учесник од Македонија на оваа престижна олимпијада, каде учествуваа 60 натпреварувачи од 34 различни држави во светот.
Додека Дарјан е нашиот херој со кого сите се гордееме заради талентот и знаењето, со татко му Ненад поразговаравме повеќе за тоа со какви предизвици се соочуваат талентираните деца во Македонија.
Тој за читателите на CRNOBELO.com открива кога за првпат го откриле талентот на Дарјан за математика, но и за тоа со какви предизвици се соочиле за време на подготовките за натпреварот.
„Талентот се забележува уште од најмала возраст кај децата, според тоа со каква брзина и леснотија ги совладуваат стандардните наставни содржини.
Исклучително важна е и одделенската наставничка која на забавен и креативен начин треба да им ги пренесе основите на оваа наука.
Во спротивно, постои можност тој потенцијал да биде задушен од старт и детето да чувствува одбивност кон тој предмет во текот на целиот живот“ – вели Ненад.
На прашањето дали ним како родители им било лесно да обезбедат сè што е потребно за Дарјан да се пријави на натпреварот, Ненад целосно искрено вели:
„Полесно е за Дарјан да освои златен медал на меѓународен натпревар отколку ние да му обезбедиме средства за да стигне дотаму и да учествува.
Тоа беше голем предизвик кој се реализира благодарение на градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски и сите 23 советници од општина Карпош, Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора, отец Виктор Стојчев и Македонската православна црква во Лондон заедно со сите православни верници во Обединетото Кралство, како и активистката Ана Дукоска од САД.
Исто така, благодарност и до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој ни излезе во пресрет при вадењето нови патни исправи.
Ништо од ова немаше да се случи ако овие луѓе не ни излегоа во пресрет, затоа што сам да ги покриеш овие трошоци е невозможна мисија. Сепак, на крајот се исплати целата мака“.
Ненад вели дека големиот успех на Дарјан се должи само на неговата упорност, вложениот труд и желбата за успех.
„Немаше посебни предизвици во текот на подготовките. Дарјан е исклучително вредно и дисциплинирано дете.
Не му пречеше да го поминува поголемиот дел од летниот распуст во решавање задачи додека другите деца се релаксираат.
Сепак, си наоѓаше време и за дружење, но дневно вежбаше минимум по 5 часа.
Генерално работевме сами, а таму каде што заглавуваше, добиваше помош од неговите наставници кои му беа на располагање постојано“ – вели Ненад.
Инаку, таткото на малиот математички генијалец ни потенцира дека Дарјан годинава успеал да обезбеди учество на уште две финални рунди на меѓународни математички натпревари, но заради финансиски причини, семејството одлучило тој да учествува само на финалната рунда на „Коперникус“.
„Претходно, во март учествуваше на IMEC Olympiad (International Mathematics Exam Center Olympiad) каде што освои златен медал и обезбеди учество во финалната рунда која ќе се одржи од 12 до 17 август во Лондон, а на Тashkent International Mathematics Olympiad (TASIMO) обезбеди пласман во финалната рунда на оваа математичка олимпијада која се одржа од 14 до 18 мај во Ташкент.
Директното учество во финалната рунда на 'Коперникус' го обезбеди преку International MathChallenge во Тајланд, каде што освои сребрен медал во конкуренција на над 8.000 деца од 88 држави.
Исто така, Дарјан освои уште еден сребрен медал и тоа на меѓународниот натпревар Fall StemCo Mathematics Primary Senior од Сингапур, како и пласман во финалето на RSM International Math Contest во конкуренција на 20.000 учесници, а во финалната рунда освои пофалница.
Во рамки на домашните математички натпреварувања, оваа година освои први награди на општинскиот и регионалниот натпревар, и трета награда на државниот натпревар по математика организиран од Сојузот на математичари на Македонија“ – ни појасни Ненад.
Од сето ова можеме само да претпоставиме дека Дарјан ќе биде дете за кое допрва ќе се слуша и со кого уште повеќе ќе се гордееме во иднина.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело