Славчо Попоски, метеоролог: „По екстремно високите температури, од недела силно невреме со пороен дожд“
- Детали
- четврток, 20 јуни 2024
„Температурите од денес па сè до недела ќе надминуваат 30 степени, меѓутоа во недела ќе има нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер“, вели Славчо Попоски.
Екстремно високите температури „нè измачуваат“ веќе неколку денови и ќе треба да го трпиме жешкото време уште некој период.
Но, веќе од недела, покрај намалувањето на температурите, можно е да се соочиме со силно невреме и поројни дождови.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски:
„До недела, нашата територија ќе се наоѓа под влијание на веќе споменатиот екстремно топол бран кој продира од северните предели на Африка кон нашата територија, но и на територијата на целиот регион.
Температурите насекаде во Македонија од денес, па сè до недела ќе надминуваат 30 степени, додека во поголем дел од државава тие ќе се искачат и до околу 35 степени.
Во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската Котлина, локално тие ќе надминуваат и 40 степени.
УВ индексот ќе има екстремно висока вредност и ќе биде со коефициент некаде помеѓу 9 и 10, па поради ова апелираме граѓаните без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот, но и да пијат повеќе течности.
Меѓутоа, веќе во недела во Македонија, и тоа поради влијание на висински циклон кој ќе биде со центар над Средоземјето, во попладневните и во вечерните часови атмосферата позначително ќе се дестабилизира, па така на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и со засилен ветер.
Поради големата енергија во атмосферата, и тоа токму поради повеќедневниот екстремно топол бран од Африка, локално се очекува појава на силно невреме со обилен пороен дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер како и појава на град кој во ваква ситуација големи се условите тој да биде и крупен.
Дури постои опасност од појава на суперќелиски облаци како во Македонија, така и во регионот за време на викендот кој доаѓа.
Ваквите суперќелии би можеле да предизвикаат дури и појава на торнадо или, пак, да предизвикаат штети во одредени области“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com