Почина Атина Апостолова – Доајен на македонската фолк музика
- Детали
- четврток, 07 март 2024
Македонската јавност се простува од Атина Апостолова, доајен на македонската фолк музика, која почина на 77-годишна возраст.
Веста за нејзината смрт ја потврди нејзината долгогодишна пријателка Вики Среброва, која откри дека пејачката била најдена мртва во нејзиниот дом, а веднаш потоа на местото пристигнала екипа на брза помош која констатирала смрт.
Освен Вики, веста за смртта на пејачката ја потврди и сестрата на Атина, Летка.
Фото: Фејсбук - Вики Среброва
Атина ќе остане запаметена по големиот број хитови, но и моќниот глас со кој настапуваше.
Атина била родена во преспанското село Л'к, во Егејскиот дел на Македонија, а детството го поминала во Скопје.
Таа потекнува од музичко, многудетно семејство.
Нејзиниот дедо ги обновувал и пеел црковните песни, а нејзиниот татко не бил музички образуван но свирел на кларинет.
Со пеење Атина се занимавала уште од најраната младост. Откривајќи го нејзиниот музички талент татко ѝ уште на петгодишна возраст ја запишал во музичко училиште.
Таму учела да свири клавир сè до четврто одделение. Нејзиниот прв настап бил во тинејџерските години.
Б. С. Б. | Црнобело