Пријателите и фановите од срце пееја за Тоше Проески на годишнината од неговиот последен концерт - Ѕвездено небо, насмевки и тага во Крушево
- Детали
- петок, 06 октомври 2023
Најемотивен момент на концертот беше настапот на Бојан Маровиќ, кој долги години се дружеше со Тоше и кој настапи на неговиот последен концерт. Со многу тага во гласот ја испеа „Тајно моја“ и се потсети на најубавите спомени поврзани со својот починат другар.
Поминаа цели 16 години од последниот концерт на Тоше Проески во Скопје, но за неговите фанови, 5-ти октомври, денот кога тој го одржа последниот концерт, и понатаму има посебно значење.
Пa, така, вчеравечер (05.10.2023) пред Спомен куќата на Тоше во Крушево неговите фанови од цела Македонија, но и Балканот, му оддадоа почит на најсаканиот пејач.
Дојдоа на концертот на кој пееја неговите пријатели, но и музичари кои никогаш не го запознаа, а растеа со неговата музика и им беше идол.
На сцената еден по друг се редеа Бојан Маровиќ, Фрајле, Димитар Андоновски, Александра Јанева, Славица Ангелова, Мите Стоилов, Зоран Илиев и многу други.
Додека ги пееја „Чија си“, „Морска ѕвездо“, „Во коси да ти спијам“, „Игри без граници“, „Никој како тебе не бакнува“, „Излажи ме“... на нивните лица имаше и насмевка и тага.
Најемотивен, сепак, беше Бојан Маровиќ, кој долги години се дружеше со Тоше и кој настапи на неговиот последен концерт. Со многу емоции ја испеа „Тајно моја“ и се потсети на најубавите спомени поврзани со својот другар.
На крајот, сите пејачи излегоа заедно на сцената и во еден глас ја испеаја „Громови на душа“. И побара од публиката да го направи омиленото ѕвездено небо на Тоше.
Во тој момент, иако тажна, атмосферата наликуваше на онаа од најсреќните и најубави концерти на Тоше, кога тој ќе ги погледнеше сите од сцената и со широка насмевка ќе речеше: „Ајде сега сите заедно да направиме ѕвездено небо“.
Иако поминаа 16 години од последниот концерт на Тоше, традицијата и понатаму продолжува - секоја година нов концерт, омилените песни и многу, многу насмевки и солзи скриени под ѕвезденото небо направено за Тоше.