Инфлуенсерката Софија Јанева: „Партнерот ме запроси на Козјак, а по само 5 дена направивме свршувачка во викендичка на Матка“
- Детали
- четврток, 10 август 2023
„Бевме договорени да одиме на вечера во еден познат ресторан на Козјак, а кога пристигнав таму ме дочека црвен тепих, букет цвеќиња, балони и огромен знак 'Marry me'“, вели Софија Јанева за CRNOBELO.com, а споделува детали и за свршувачката.
Инфлуенсерката Софија Јанева (29) од Скопје неодамна имаше бајковито запросување од страна на својот сакан на зајдисонце на Козјак.
Кратко потоа, парот направи и свршувачка, каде најблиските носеа бело, а нивната викендичка на Матка беше украсена со бели балони и декорации.
За овие два прекрасни мига од својот живот Софија открива за CRNOBELO.com:
„Беше едно огромно изненадување, навистина немав претстава дека ќе се случи тогаш. Имено бевме договорени да одиме на вечера во еден познат ресторан на Козјак, а кога пристигнав таму ме дочека црвен тепих, букет цвеќиња, балони и огромен знак „Marry me“.
Во тој момент ми стана јасно што се случува и тогаш за првпат во мојот живот почнав да плачам од среќа.
Моментот кога партнерот клекна на едно колено и ме праша да се омажам за него секогаш ќе остане во мојата меморија како еден од најсреќните моменти во мојот живот.
Со цел овој момент да се овековечи, партнерот најмил и професионален фотограф, кој со својата камера ги фати сите магични моменти од запросувањето.
Потоа се случи и нашата свршувачка.
Еден интересен факт за нашата свршувачка е дека ја организиравме за само 5 дена.
Првично поради тоа што овој период имаме планирано одмори, наши роднини беа дојдени од странство и трето поради тоа што сакавме да биде на одреден датум.
Мене отсекогаш сон ми беше да имам мала свадба или свршувачка во двор – интимно, само со најблиските. Но, бидејќи нема да имаме мала свадба (после долга калкулација и правење листа на гости) ни стана јасно дека тоа не е изводливо во нашиот случај и дека сепак нашата свадба ќе биде малку поголема, па затоа свршувачката решивме да ни е помала, само со најблиските.