За првпат македонски тим на Европскиот TCR шампионат
Во овогодинешната серија трки на Европскиот TCR шампионат, помеѓу бројните професионални европски тимови, ќе се вброи и првиот македонски тим – PSS Racing Team-от на Power Sport System - првата приватна станица за технички преглед и регистрација на моторни возила во Република Македонија.
Македонија може да се гордее, бидејќи конечно имаме претставник на овој престижен Европски TCR шампионат – PSS Racing Team, на чело со националниот првенец , Виктор Давидовски.
Давидовски е познат на домашната и меѓународната автомобилска сцена по 20те извозени сезони, каде од 1998 до 2010 година тој настапуваше во шампионатите на Македонија на кружни и ридски патеки, а потоа започна да настапува во шампионатот на Србија на кружни патеки во најмногубројната класа хибрид.
Минатата година, Давидовски го освои 10-тиот шампионски пехар во својата кариерата, па овој успех заедно со успешната трка на издржливост, која се одржа на познатата Ф1-патека – СПА Франкоршамп, во рамките на 24h TCE Serie, го навестија и неговиот следен чекор.
По бројните успеси, Давидовски го прифати новиот предизвик, па во цвено-белите бои на PSS Racing Team-от, премиерно ќе го вози новото спортско возило - Honda Civic Type R TCR.
Имено, од декември 2017та, спортските автомобилски трки (TCR) добија нова димензија – Europe TCR Series, кои ќе се одржуваат под закрилата на FIA, Eurosport Events Ltd (EEL) и WSC Ltd.
За Европскиот TCR шампионат се отворени 26 позиции, а за сезоната 2018та, една од нив му припаѓа на нашиот Виктор Давидовски во боите на PSS Racing Team.
Веќе се познати и датумите на трките за оваа сезона, па следните датуми резервирајте ги за бодрење и навивање пред малите екрани, а најголемите фанови можеби ќе успеат и во живо да присуствуваат на некоја од трките.
Сезоната ќе стартува со трката на 5-6 мај, на стазата CIRCUIT PAUL RICARD, LE CASTELLET во Франција, по која ќе следи трката на 20-21 мај на стазата CIRCUIT ZANDVOORT во Холандија.
Во периодото јуни-октомври е закажана по една трка месечно, и тоа на 9-10 јуни на стазата CIRCUIT DE SPA-FRANCORCHAMPS во Белгија, на 7-8 јули на стазата HUNGARORING во Унгарија, на 18-19 август на стазата TT CIRCUIT ASSEN во Холандија, на 22-23 септември на стазата AUTODROMO DI MONZA во Италија и на 20-21 октомври на стазата CIRCUIT DE BARCELONA CATALUNYA во Шпанија.
Имајќи предвид дека зад Европската TCR серија стои медиумскиот спортски гигант Eurosport Events, настапите на Давидовски ќе бидат пренесувани на преку 50 мрежи ширум светот, што претставува причина плус будно да ги следиме и да ја дадеме својта поддршка на првиот македонец кој ќе ги дели тркачките патеки, рамо до рамо со етаблираните европски тимови.
За овој сон да стане стварност, не само за Виктор Давидовски, туку и за овој спорт во Македонија, голема заслуга имаат ПСС , Седа Брокер и Агенција за Млади и Спорт, за несебичната и безрезервната поддршка.
На 14ти април во Trend Gastro Bar во Аеродром ќе се одржи свечена промоција на еден од 25те автомобили од најновата генерација на Honda Civic Type R TCR, со кој ќе настапува Давидовски, а воедно ќе се одбележи и 20 годишнината од постоњето на PSS Racing тимот, преку ретроспективен приказ на неговите членови и најзначајни успеси во периодот 1998-2018.
Настапите и резултатите на PSS Racing Team и Виктор Давидовски следете ги на официјалниот веб сајт и официјалната Фејсбук фан страна.