Симбол на работничката класа и Ју-носталгијата - Малото Фиќо, големиот автомобил
Нагалено го викаме Фиќо, а во личната карта (сообраќајната) е Застава 750. Некои го знаат и како Фиат 600, па најверојатно и од таму доаѓа прекарот Фиќо.
Овој легендарен автомобил и икона од времето на поранешната Република Југославија е произведен по лиценца на Фиат 600.
Фиат 600 е претставен во 1955 година на саемот на автомобили во Женева, како дело на главниот инженер на Фиат, Данте Џиакоза и е замислен како наследник на легендарниот Тополино (модел од 1936). Истата таа 1955 година, почнува и производството на Застава 750 по лиценца на Фиат и трае до 1985 година.
Во тоа време, технолошкото ниво на фабриката Застава било на исто ниво како и фабриката Фиат, па затоа не треба да нè чуди што Фиќото било најпопуларно возило во поранешна Југославија, па дури се користело и во милицијата, пожарната и амбулантата.
Уште еден доказ дека квалитетот на производството тогаш бил на завидно ниво е фактот што и денес, 60 години подоцна, сè уште можеме да го видиме популарното Фиќо на улиците. Многумина уживаат во италијанската технологија која во тоа време била на врвот на автомобилската индустрија и со Абарт изведбата победувала во голем број на интернационалните трки на автомобили.
Некои од тие модели се зачувани во одлична состојба до ден-денес.
Додека траело производството, во тие 30 години, во фабриката на Застава произведени се 923.487 Застава 750 автомобили. Фиќото има мотор со мала јачина, но и со мала потрошувачка. Имало најповолна цена, а и лесно се одржувало, па затоа и оваа бројка на продадени возила не треба да нè изненадува.
Малата јачина на моторот била доволна за Фиќото бидејќи тоа е толку мало што можело да има само 2 врати и едвај собирало 4 лица кои би седеле комотно. Бидејќи моторот е одзади, багажникот напред бил зафатен од резервоарот за гориво, па така често пати оние на задните седишта требало да ги држат своите торби во раце.
Сепак, сите знаеме за приказни од нашите роднини, како оделе на одмор 6-7 души со едно Фиќо со помошен багажник на покривот.
Несомнено црвеното Фиќо ќе остане симбол за национално возило на Југославија, возило на работничката класа и прв автомобил на многу сегашни искусни возачи.
(О)Милена | Црнобело