Како да го одмрзнете и запалите автомобилот за помалку од 15 минути?
Кога во 8 часот наутро ќе сфатите дека автомобилот не можете ни да го препознаете од што е замрзнат, не се нервирајте.
Дишете длабоко, обидете се да не паничите и присетете се барем на неколку од овие упатства:
1. Ако бравата се замрзнала загрејте го клучот со запалка и неколку пати ставете го во бравата додека мразот не се стопи.
2. Ако вратата се замрзнала и не можете да ја отворите, пробајте да ги заштитите рацете со пешкир или крпа и полека удирајте по рабовите на вратата за мразот да попука.
3. Ако нема големи минусни температури, наполнете шише со топла вода, никако жешка, и полека поливајте ја бравата и вратата.
4. Кога конечно ќе влезете во автомобилот стартувајте го моторот, а потоа вклучете ја вентилацијата на максимум и насочете ја да дува кон прозорите. За тоа време излезете надвор и чистете го автомобилот од снег дел по дел. Набавете спреј за стакло кој го топи мразот и со тоа ќе заштедите многу време.
5. Важно е добро да го исчистите снегот од кровот и хаубата затоа што може во текот на возењето да падне дел на стаклото и да ви ја наруши прегледноста на патот.
6. При палењето моторот би требало да стартува веднаш, а доколку вергла, веројатно има проблем со акумулаторот. Акумулаторот е најчувствителен на ниски темеператури, имајте го тоа на ум.
7. Кога ќе го запалите моторот следниот проблем на кој може да наидете е паркингот затрупан со снег. Потрудете се добро да го исчистите просторот околу гумите.
8. Ако тркалата ви лизгаат и не можете да излезете од снегот, обидете се да тргнете во втора брзина. Исто така, може под гумите кои лизгаат да ставите патосници и така да пробате да излезете од длабокиот снег.
Како на време да се подготвите и да ги избегнете овие проблеми?
- Набавете глицерин и намачкајте го на рабовите на вратите
- Ставете течност против замрзнување во сите брави
- Набавете спреј за брзо одмрзнување на стакло
- Купете спреј и против замаглување на стаклото
- Ако немате гаража, церадите се идеално решение