Христина Младенов: „Во борбата со неплодност душевната болка е неподнослива, но денес ги имам моите Хана и Тара“
- Детали
- понеделник, 03 април 2023
„Со сопругот се обидувавме да имаме дете отприлика две години, иако бевме опуштени и ни на крај памет не помисливме дека имаме проблем. Јас тогаш имав 30 години, сопругот 34. Потоа, почнавме да се сомневаме дека можеби сепак нешто не е во ред и постепено почнаа сите прегледи... Не е толку тешка самата борба со неплодноста, туку да се соочиш со реалноста дека имаш проблем и зошто баш тебе ти се случува тоа“, раскажува за CRNOBELO.com Христина Младенов (33), на Инстаграм позната како Христина Пан, која денес е мајка на прекрасни близначки.
Христина Младенов (33), на Инстаграм позната како @hristinapan, по потекло е од преубавото Слепче, во Демир Хисар, а последниве 16-17 години живее во Скопје. По професија е дипломиран инженер по биологија.
Таа вели дека Инстаграм ѝ бил издувен вентил сите овие години, додека се борела да се оствари како мајка.
Во брак е 5 години, а нејзините ќерки близначки Хана и Тара имаат по 8 месеци.
Во интервју за CRNOBELO.com таа доловува како изгледала нејзината борба со неплодноста, но и среќниот крај:
Колку време со сопругот се обидувавте да имате деца, пред да помислите дека постои некаков проблем и е време за испитувања?
Отприлика две години, иако бевме опуштени и ни на крај памет не помисливме дека имаме проблем. Јас тогаш имав 30 години, сопругот 34.
Потоа, почнавме да се сомневаме дека можеби сепак нешто не е во ред и постепено почнаа сите прегледи, еден резултат водеше кон друг преглед и тоа траеше добри година и пол можеби и повеќе.
Имав една неуспешна инсеминација и по предлог на докторот, да не чекаме веќе решивме да го започнеме процесот со асистирано оплодување.
Какви испитувања направивте и кој беше заклучокот на докторите?
Сè почна со обични гинеколошки прегледи, микробиолошки брисеви, хормони...
По неуспешната инсеминација, заклучокот беше дека најдобро е директно да одиме на ин витро процес.
Откако ти ја поставија дијагнозата, што беше нареден чекор...
Откако беше поставена дијагнозата, следен чекор беше да ги направиме сите дополнителни прегледи и да ја спремиме цела потребна документација за да добиеме ваучер од Фондот за здравство.
За тие што не знаат, државата обезбедува вакви ваучери кои се од голема финансиска помош, затоа што потребни се многу средства за сите овие прегледи, а не знаете колку долг е овој пат кога ќе започнете да го чекорите.
По колку години неуспешни обиди дојде до асистирано оплодување?
Па, додека целосно се спремивме комплет со сите прегледи, поминаа веќе цели 3 години.
Долови ни како изгледа оваа постапка? Колку е емотивен процесот?
Тежок, емотивен, потребно е цело време да останете психички стабилни и позитивни (а тоа е и најтешкото). Душевната болка е таа што боли.
Онаа другата од инјекции, прегледи, третмани е НИШТО.
Мора да признам дека солзи имаше пред да прифатам дека имаме проблем, после тоа само гледав да го решиме и да слушаме колку што може повеќе од препораките на лекарите за да имаме поголеми шанси за успешен процес.
Кога почна самиот процес почувствував олеснување, бев ненормално силна и позитивна и знаев дека овој пат мора да биде со среќен крај и така и беше.
Како изгледа периодот по трансферот на ембриони? Мируваше ли, броеше ли денови, велат дека ова е најтешкиот дел, дали е навистина така?
Да, периодот после трансферот е дефинитивно најтежок.
Мирував цело време, гледав филмови, читав книги, ама секој ден ми траеше што викаат како година.
По 15 дена, сè се исплатеше. Конечно имав позитивен тест...