Јана Гигова, уличен музичар: „Повеќе сакам да пеам за случајни минувачи, и во Македонија оставаат добар бакшиш“
- Детали
- среда, 22 март 2023
„Неретко ми се случувало да договориме свирка, да ја направам свирката, а газдите на локалот да не ме платат, оти ете така, немало промет. На музичарот никој нема да му ги врати тие изгубени часови во свирење. Никој не сака да свири за да го дознаат луѓе. Сите имаат сметки за плаќање, па и ние уметниците“, вели во интервју за CRNOBELO.com Јана Гигова, која настапува како уличен музичар. Вели, тоа што свири на плоштади или шеталишта не значи дека минувачите треба да ја сожалуваат, иако опремата ѝ ја краделе барем десетпати.
Барем еднаш додека сте шетале на плоштадот Македонија во Скопје или низ Охрид, сте ја слушнале Јана Гигова како пее.
Оваа млада девојка се занимава со музика откако знае за себе. Таа веќе долги години наместо да пее по локали и клубови, свири на отворено и ги забавува случајните минувачи.
Вели, ваквиот начин на работа ѝ одговара повеќе, бидејќи од една страна го прави тоа што го сака, а од друга, заработува исто како и кога би пеела во кафуле.
Во интервју за CRNOBELO.com Јана открива повеќе за нејзината професија...
Јавноста те препознава како уличен музичар - пееш на плоштади, отворени простори на кои шетаат многу луѓе. Како е да излезеш на отворено и да пееш пред случајни минувачи?
Настапувањето надвор ми е речиси исто како и настапувањето во локали или концертни сали, само далеку попријатно. Во зависност од атмосферата, или свирам гитара и пеам, или пеам со бекинг траки, што е подобро во ситуации кога има поголема гужва.
Луѓето се најчесто љубезни и фини. Многу од нив ми се заблагодаруваат што сум им го разубавела денот.
Моментално сум најзадоволна од начинот на кој луѓето во Македонија се однесуваат кога ќе видат уличен музичар. Порано не беше така.
Порано во Грција луѓето беа многу попријатни, а во Македонија беа често индиферентни и во прашалници, кога ќе забележеа дека некој настапува надвор. Сега е обратно и многу ми е драго поради таа промена, па затоа преферирам да свирам дома.
Повеќе сакам да пеам пред и за случајни минувачи затоа што оние кои ти посветуваат внимание, го прават тоа затоа што навистина им се допаѓаш. Во кафулињата и слично, не се секогаш дојдени за да те гледаат или слушнат тебе.
Ни атмосферата во затворени простории полни со различни гласови, чад и луѓе не ми е пријатна воопшто на сетилата и ми претставува огромен проблем.
Се сеќаваш ли на првиот настап на отворено? Имаше трема, страв?
Мислам дека беше некаде во прва средно, веројатно парк. Немавме тогаш трема и страв. Бевме голема екипа што се занимава со музика и театар и настапува насекаде.
Нормално дека и сега трема и страв не постои. Од првиот настап кога бев помала, до првиот настап кога решив дека ќе почнам да го правам ова посериозно, поминаа доста години.
Мислам дека бев во Охрид и свирев околу две недели. Највеќе го направив тоа поради фактот што не бев задоволна од начинот на кој се третирани музичарите што прават свирки и начинот на кој се исплаќани.
Видов дека настапувањето на улица ми одзема помалку време, а ми дава повеќе слобода и еднакви финансии, кои не зависат од моменталниот хир и расположение на сопственикот на локалот.
Сакам да кажам, неретко ми се случувало да договориме свирка, да ја направам свирката и да не ме платат, оти ете така, немало промет.
Музичарот нема зошто да го интересира тоа, зашто никој нема да му ги врати тие изгубени часови во свирење. Никој не сака да свири за да го дознаат луѓе. Сите имаат сметки за плаќање, па и ние уметниците.
Дали се луѓето дарежливи со бакшишот?
Нема огромна разлика во бакшишот од странци и наши. Мислам дека сите луѓе подеднакво многу ги ценат моите настапи, а тоа е поради фактот што не го правам ова „ради реда“ и колку да помине, туку навистина се чувствува дека го сакам тоа што го правам и животот ми е посветен на усовршување на занаетот.
Понекогаш ако ми остават повеќе, ми станува малку срам, ама веројатно им се допаѓаат настапите и имаат почит за мојот начин на уметникување.
На многу луѓе можеби им паѓа жал, претпоставувам. Не треба да им биде жал. Јас навистина немам на што да се пожалам од ова што го работам, од ниеден аспект.
Имаш ли твое место, омилена локација каде што сакаш да пееш?
Сакам да пеам на едно место на плоштад кое се наоѓа помеѓу ресторан Пелистер, Колектив и споменикот со коњот и Александар. Не ми беше тоа првичното место, ама како доаѓаа други изведувачи да свират, се тргав што е можно подалеку за да не си сметаме. Сега сум овде и нема веќе каде да се тргам.