Стојана Поповска живее во Сингапур: „Забрането е да се џвакаат мастики, си купувам бурек од пекарница на Македонец“
Колку поинаку ги растат децата?
Живеењето во Сингапур може да се набљудува и како живеење во балон во однос на безбедноста, редот и функционалноста на системот каде децата се премногу заштитени.
Сингапур е едно од најбезбедните места во светот и е вистинско место за семејство со мали, па и поголеми деца.
Драго ми е и сум благодарна што моите деца имаат можност да живеат и растат во оваа средина. Но, за реалноста надвор од Сингапур треба да се зборува со децата и да им се долови со патување и престој во други делови од светот.
Образовниот систем во државните училишта е мошне строг. Наставниците се авторитет. Учениците се во униформи. Забрането е бојадисување коса.
Учениците се изложени на огромен притисок во однос на академскиот дел. Постојано тестирање, екстра часови, клубови по математика, физика и сл. Викендите се исполнети со екстра академски активности, спорт и секако некој музички инструмент.
Училишниот успех на национално ниво котира како еден од најдобрите во светот. Секако, тоа ги чини децата слободно време и огромен стрес.
Во интернационалните училишта пристапот и програмата се сосема поинакви, но притисокот е присутен особено во средните училишта.
Што ќе ги зачуди Македонците на првата посета на Сингапур?
Сингапур е еден од најскапите градови во светот за жителите и за туристите.
Еден безначаен пример како за сè ќе ви наплатат: топло капучино е 7 долари, ладно е плус 1 долар поради ледот.
Забранети се мастики. Нема каде да купите мастики ни за лек, но нема ни да најдете залепени мастики на тротоар, по клупи или пак на вашите обувки.
Поради климата често пати може да ве изненади дожд во текот на денот, па постојат места каде што можете да си изнајмите чадор.
Пред влезот на некои полуксузни шопинг и деловни центри постојат и специјални сушилници за чадори пред да влезете.
Луѓето тука сакаат да си чекаат во ред, мислам не им пречи воопшто и секој си чека во линија без турканици и повишување на тонот.
Пред да седнете во ресторант или кафуле секогаш треба да почекате да ви најдат маса.
Наутро по парковите можете да видите бабички кои танцуваат или пак дедовци кои вежбаат Tai Chi. Ова беше типично и во Пекинг.
Во Сингапур луѓето ретко готват дома. Бевме навистина изненадени како повеќето станови имаат сосема мали кујни.
Тука постојат таканаречени Hawker Centers. Тоа се нешто како мали штандови кои служат локална храна по навистина поволна цена.
Локалците се исхрануваат во овие центри секојдневно. Еден од најпознатите оброци е Chicken Rice како кај нас тава ориз со пилешко.
Hawker Centers се заштитени под UNESCO и се нешто на кое Сингапурците се особено горди.
Свесноста и љубовта кон читањето е на високо ниво. Националните библиотеки се библиотеки од иднината.
Државата има милионски буџети кои се вложуваат во обновување/реновирање и се разбира книги во принт и дигитален формат. Библиотеките ми се едно од омилените локации кои ги посетувам од време на време.
Има навистина многу интересни информации за секојдневието, но се обидов да ги издвојам оние најинтересните.
Што од таму би донела во Македонија и што од Македонија би однела таму?
Топлината на луѓето од Македонија, опуштеноста во некое балансирано ниво, бидејќи тука е како секојдневна трка, животот е брз.
Во Македонија би понела барем дел од среденоста оттука и функционирањето на институциите и системот.
Каков е јавниот превоз, начинот на функционирање на институциите, хигиената?
Јавниот превоз е беспрекорен. Можете да си испланирате како да стигнете до некоја дестинација до минута.
Институциите функционираат како „подмачкани“. Не само локалците, туку и странците, можат многу лесно да се снајдат, со гаранција завршуваш работа, сè е со закажување и многу почесто се завршуваат работите дигитално, отколку со чекање на шалтер.
Хигиената е на високо ново.