Николче има сопруга Украинка: „Ја запросив во Украина, синот ни се роди во Германија, а свадба ќе правиме во Демир Хисар“
Се работи ли многу? Се плаќа ли прекувремено? Со што се занимавате?
Сè зависи од тоа што и кај кого работиш, од моето искуство можам да кажам дека претходно работев и прекувремено, но сè ми беше исплатено.
Сега работам по 8 часа на ден, од понеделник до петок.
Како што кажав погоре работам во фабрика за производство на автомобилски делови и условите се одлични. Секој кој сака да заработува повеќе има можност за дополнителна работа.
Каков е здравствениот систем?
Од здравствениот систем сум презадоволен, од тоа како те третираат и во какви услови. Тоа најдобро го осетив при бременоста на сопругата и породувањето.
Јас присуствував на самото породување и имам само позитивни зборови за условите и за тоа како ги третираа сопругата и детето. Сето ова нè не чинеше ништо дополнително.
Како се забавуваат локалците? Одат ли денски на кафе? Се шетаат навечер или празни се улиците?
Секој на свој начин, има доста избор како можеш да го поминеш слободното време.
Локалците често одат на кафе, но нивни главни манифестации за забава и пиво се најразличните фестови кои ги организираат по различни поводи и празници.
Многу од локалците се занимаваат со спорт, пешачат, трчаат, возат велосипеди, шетаат со миленичиња, и за сето ова има посебни обележани патеки или паркови каде што не е загрозена нивната безбедност и не сметаат на другите.
Дали навистина е многу чисто и уредено? Има ли убави паркови?
Да, хигиена е на доста високо ниво. Секако дека и тука има несовесни граѓани, но службите работат и успеваат да одржат хигиена и уредност.
Парковите се скоро сите убави, обраќаат многу внимание на нивната состојба, во секое годишно време се убаво средени.
Се движите со јавен превоз или автомобил? Како е во тој поглед?
Претежно се движиме со автомобил, но исто така го користиме јавниот превоз, автобуси и возови.
Организирани се убаво, точни и прецизни. Поврзано е секое населено место со нови и модерни возила.
Имате ли пријатели Германци? Или има многу Македонци и се дружите со нив?
Искрено, не се дружиме активно со Германци, ги имаме само како колеги од работа и остануваме на тоа.
Македонци има многу и насекаде. Само во радиус од 10 km во местото каде што живееме има над 75 македонски фамилии. Сите се дружиме помеѓу себе и си помагаме.
Имаме и македонски клуб каде се собираме и организираме разни веселби. Се трудиме да се собираме на празниците и да ја негуваме нашата традиција онака како што дозволуваат можностите.
Шетате ли во околните земји? Поврзано ли е со возови можеби?
Да, обожаваме да шетаме. Пред да се роди нашиот син успеавме да прошетаме дел од околните држави, откако се роди не можеме да одиме на далечни дестинации, но задолжително посетуваме околни градови, села и природни убавини.
Нашите планови за во иднина се секој слободен момент да го користиме за да посетуваме различни европски градови.
Во последниот период сме поактивни на социјалните мрежи презентирајќи ги нашите прошетки со поента да ги мотивираме сите кои ќе нè видат да шетаат во слободно време без разлика каде живеат.
Во Македонија исто така има многу убави места, убава природа и знаменитости.
За добро поминато време со семејството не е потребно егзотично патување, луксуз и големи буџети. Дека нема изговори од типот немам време, имам деца и слично, потребна е само желба бидејќи прошетките даваат позитивна енергија.
Со возови се поврзани сите земји и буквално за 5-6 часови можеш да стигнеш до многу разни европски метрополи.