Сашо Спасовски трча маратони низ цел свет: „Од Скопје и Виена до Африка и Кина – трчам секаде каде што патувам“
Како дојде до идејата за создавање нова трчачка дружина, кој е тимот, кој е најстар член, како ви се одвиваат активностите и дружбите?
TRIOLOGY ACTIVE TEAM како дружина / тим постои скоро 2 години и горд сум на себеси и на сите ентузијасти во нашиот тим, бидејќи креиравме нов тим кој според пријавените членови на трки низ Македонија во 2022 година има најголема бројност.
Покрај бројноста исто така и бележиме голем број индивидуални, но и претежно тимски успеси низ трките во Македонија. Горд сум на сите бидејќи од создаден тим во кој првичната цел е дружбата, сепак многу од нас се мотивирани и редат тимски успеси.
Драго ми е што пред сè се приклучуваат млади луѓе и покажуваат интерес за трчањето. Затоа јас секогаш се обидувам да ја испратам мојата порака до нив, а и до сите останати дека трчањето е убав животен стил и дека покрај спортот треба да научат да се издигнат себеси преку искрено почитување, градење добри манири и работење на поквалитетен начин на живот, со искрен тимски дух која е најглавната причина за успешен тим и средина.
Инаку, трчањето во тим си има свој бенефит пред сè бидејќи тоа ве мотивира кон остварување подобри резултати, полесно е кога имате тим кој стои зад вас, ве поддржува и притоа имате со кого да ги споделите сите успеси и падови, да размените искуство или да си најдете соодветен партнер во трчањето.
TRIOLOGY ACTIVE TEAM како тим е комбинација од три спорта, односно трчање (рамна или траил стаза), планинарење и велосипедизам со најголем акцент на трчањето.
Покрај трчањето, организираме и голем број бајкерски и планински тури низ цела Македонија. Сите тури ги правиме без финансиски бенефит и гледаме да бидат одлично организирани без никаква забелешка. Бидејќи ни се приклучуваат од најбавни до најбрзи активни спортисти, секогаш посветуваме соодветно внимание за да бидат задоволни и сигурни на турата покрај нас.
Овие две години имаме направено повеќе тури и претежно се движи бројката помеѓу 30 до 50 луѓе кои доаѓаат на тура, а досега имаме направено тури до Караџица, Љуботен, Лешок, Велешко езеро, Козјак, Лешница, Водно, Скопска Црна Гора итн.
Имаме спортски активни членови од секаква возраст, претежно се помлади членови и средната возраст е некаде околу 30-тина години, а имаме возрасти кои се движат од 18 до 70 години.
Инаку приказната за тимските кругови започна пред 5 години откако го истрчав првиот полумаратон започнав со интензивна комуникација и дружба со трчачите.
Во тој период покрај останатите трки, во Скопје имаше неофицијални трки на 5 километри со убава утринска енергија, убаво чувство кога околу 200 трчачи утрински ќе дојдеа во недела, ќе истрчаа и притоа ќе имаше одлична дружба и разменување искуства. Во тој период дојдовме до идеја да создадеме наш тим.
Нашата цел беше да создадеме нешто ново кое ќе влијае на луѓето за да се спортски активни и ќе придонесеме за подобрување на општеството со убава спортска енергија и поголем интеракција помеѓу трчачите. За брзо време успеавме во намерата да имаме успешен бренд, направивме голема група на трчачи и јас бев максимално посветен кон успешноста на тој тим.
После извесно време решив да изградам тим во комбинација со повеќе спортови, заедно со дел од пријателите кои тогаш ми ја прифатија идејата и со кој и ден денес градиме успешна приказна, така го создадовме TRIOLOGY ACTIVE TEAM. Во овој тим битно е заедницата да функционира флексибилно затоа не постојат членарини, секој го има правото да ја избере припадноста во тимот и единствен бенефит на тимот е луѓето да функционираат во голема заедница како големо семејство, да го сакаат спортот и да споделуваат убави успешни приказни и дружби.
За да се создаде успешна дружина од повеќе од 100-тина спортски активни луѓе кои во голема бројка ќе го прифатат овој тим како свој, потребно е многу пожртвуваност од секојдневието, но исто така и јасни цели, конкретна организација и добар маркетинг кој ќе го изгради името како препознатлив тим / бренд.
Кога презентираш бренд или градиш тим, луѓето сакаат да ја почувствуваат искрената енергија и харизмата кој некој човек ја поседува и да биде прифатена од останатите доколку сакаат да те следат и да го прифатат тоа што го нудиш.
Луѓето сакаат да припаѓаат некаде каде што се чувствуваат убаво и да бидат добро организирани и мотивирани. Јас се трудам кон секоја индивидуа да им го споделам мојот начин на размислување за да научат што значи тимски дух, да научат да почитуваат кога некој вложува енергија да направи нешто добро кон некого, да научат да се поддржуваат како едно семејство и да гледаат секогаш на позитивните и добронамерни страни.
Како тим се обидуваме да сме присутни на сите трки во Македонија и да дадеме наш придонес на трката, за возврат нашиот најголем бенефит се одличните дружби. Еден од зборовите кои често се шегуваме е хедонизам, или мотото ни е дека секогаш покрај добра активност, трка или тура треба да има задолжително уживање со одлична дружба.
На дел од фотографиите можат да се видат евентите на кои сме присуствувале во Македонија, а и надвор низ цела Европа трчаме во голем број. Покрај тоа имаме и активности со спонтано договарање за заедничко трчање.
Во кои градови низ светот имаш трчано, колку маратони посетено, кој е најдобар?
Мојата цел во трчањето покрај трките во Македонија се и трките низ светот, да истрчам што повеќе трки надвор од нашата земја и да соберам одлично животно искуство на кое ќе бидам горд после извесно време.
Ако ги додадам рекреативните трчанки за одржување активен живот, имам трчано скоро на сите места кај што сум имал можност низ светов. Од плажи и улици низ Африка како во Габон, Чад, Конго итн. до земјите во Азија кои ги имам посетено како Малезија, трчање покрај плажа во Брунеј, уживање во погледите на Сингапур и трчање низ Марина Беј, Дубаи, Кина итн. Во Европа исто така секогаш кога имам можност дали на бизнис патување, одмор или приватно патување, секогаш патиките и опремата ми се спакувани во куферот.
Сè уште немам сумирано колку официјални трки имам истрчано, но според груба пресметка во овие 5 години имам истрчано околу 40-тина полумаратони, 4 маратони, околу 30 до 40 трки на 10 км и околу 20 трки на 5 км.
Пред сè мојот фокус е да се надминам себеси и да го збогатам моето животно искуство со трки надвор од нашата земја и притоа да ја претставам во најдобро светло.
Имам истрчано евенти во повеќе градови низ Европа, како Милано, Бордо, Рига, Будимпешта, Берлин, Белград, Виена, Копенхаген, Амстердам, Атина итн.
Секоја трка си има своја убавина, битно е да ја почувствувате енергијата и еуфоријата од трката и секој освоен финиш си има свој момент на среќа. Се разбира, дека трките каде што имаат масовна посетеност од над 40.000 трчачи од целиот свет нудат поголема мотивација.
Во Македонија би ги издвоил Скопски маратон и Скопје Ран 10к, но ме радува тоа што и останатите градови почнаа да организираат одлични трки како Трчај Бе Битола, Поетри Ран Струга, Охрид Трчат, Гевгелија Ран итн.
Во 2022 за прв пат скоро на сите трки не трчав сам и бев со дел од тимот, а ги истрчавме трките во Берлин, Виена, Порто, Белград, Амстердам итн.
Покрај останатите пријатели во тимот со кои имаме најголем респект, би издвоил нешто што ми ја одбележи 2022 год и ми е многу драго, тоа е што скоро сите трки годинава ги истрчав заедно со мои две најблиски пријателки од тимот со кој споделуваме секакви моменти, изградивме големо пријателство покрај трчањето и среќен сум што го засакаа трчањето и заедно сме најголема поддршка.
Некогаш поминуваме низ позитивни но и негативни ситуации, имаме интересни и турбулентни моменти низ трките но сепак ги решаваме со насмевка и често си ги прераскажуваме. Често се провоцираме со нови трки каде да планираме да трчаме наредно бидејќи сето тоа бара многу финансии, организација, слободно време и движење, но желбата за трчање го занемарува тој момент кога на крај од денот создаваме убави спомени.
Затоа драго ми е за големото пријателство кое го стекнав со нив и со сите останати благодарение на тимот, како Кате, Ана, Ацуле, Боце, Симона, Ивана, Нина, Деки, Џини, Ѓорѓи, Ангела, Мартин, Радица, Николче, Нате, Брук, Ѓорѓе, Јасмина, Аце, Весна, Елена итн. (голема е бројката на луѓе и се надевам нема некој да забележи ако не го споменав).
Не можам да издвојам кој е најдобар евент, но досега најубавите трки на кои сум бил се маратонот во Атина на историската рута со огромно искачување низ атинските ридови, Виена маратонот во убав дел од годината и рамна патека, полумаратоните во Копенхаген и Берлин со огромна публика покрај патеката, убавата атмосфера и забава на финиш во Рига, шармантниот Порто итн.
Патувањето и посетување на некој град во комбинација со трчање на маратон ја прави целата приказна да изгледа одлична. Ќе го доживеете градот, но и ќе се вратите со убав спомен од истрчана трка и медал на кој ќе се гордеете секогаш.