Александра Тодоровиќ: „Кои биле најотмените места во старо Скопје, а кои омилените места за излет?“
Корзото – душата на градот, како највозбудливата и најубавата „љубовна патека“. Зошто оваа улица била од голема важност за Скопје?
Наједноставна дефиниција за Корзо би била љубовна патека. Во минатиот век претставувало место за излегување каде можеш да се сретнеш со симпатијата, место каде можеш да си најдеш симпатија, каде можеш да се пофалиш со нешто ново или едноставно место каде можеш да се забавуваш со твоите врсници.
Движењето по корзото било утврдено по строго утврдени правила. По средината на Корзото шетале девојките а главниот тротоар бил резервиран за вљубените парови. Пред земјотресот Корзото било утврдено на Плоштадот и улица Македонија.
По земјотресот во 70-тите Корзото на градот добило нова локација. Како и каде завршувале ноќите на младите Скопјани по долгите прошетки?
По земјотресот, во 70-тите години од минатиот век корзото било „кај Ванила“. Легендарните ноќи „на корзо“ завршувале со посета на паркот Жена борец каде што момците и девојките се среќавале со своите симпатии за да останат насамо со нив.
Времето им минувало седејќи на клупа, со муабет и насмевки.
Кои биле омилените културни локации на старите Скопјани?
Офицерски Дом и Стариот театар! Тоа биле најотмените места каде најмногу се чувствувал оној европски шмек. Таму граѓаните оделе најчесто дотерани во а ла франга стил – преземен од париската мода и сè било на едно високо ниво и со многу стил.
А места за излети?
Како што споменав и погоре. Омилени биле Сарај, Матка и Водно. Тоа било со таква традиција што се сведувале на неколку пати месечно.
Наместо скапите семејни ручеци во елитни ресторани, Скопјани се собирале со семејството и друштвото во природа, подготвувајќи најчесто скара, играјќи карти, табла или шах, свирејќи гитара – го уживале и прославувале животот, немајќи никаква потреба да покажуваат статус или моќ, туку едноставно потреба од добро друштво на убаво место.
Можеш ли да ни кажеш како слаткарницата „Апче“ го добила своето име?
Тоа е една интересна приказна која сум ја чула многу одамна. Накратко ова е тоа.
Било многу топло лето и од слаткарницата која во тоа време се викала „Техничко училиште“ поминувал некој повозрасен човек кој застанал на муабет со стариот газда кој седел пред дуќан. Човекот се пожалил на силна главоболка и рекол дека ќе оди дома да се напие апче. Газдата го понудил со ладна боза и човекот се напил една чаша.
Додека стигнал дома, главоболката поминала.
Потоа кому стигнал кажувал дека не пиел боза, туку пиел апче, се разбира во метафора. И оттогаш сите ја викале бозата – апче, а газдата почнале да го препознаваат како мајстор Апче.
Тука може да го завршиме разговорот... Што треба да направи секој од нас за спомените на старото Скопје никогаш да не исчезнат?
Ништо многу посебно. Да му даде шанса само за да се запознаат подобро. Да му каже ајде денес малку да прошетаме. Малку низ тебе, малку низ мене.
На тој начин градот изграден на столбови од љубов ќе ја оправда целата сплотеност и наклонетост од целиот свет за да остане приказна која сè уште се раскажува и прераскажува!
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело