Дона Неделковска, за соочувањето со анксиозноста: „Имав страв од сè, цело време бев во исчекување на нешто лошо“
- Детали
- вторник, 27 декември 2022
„Јас за анксиозноста немав побарано помош од доктор, се справував сама, ама дојде време кога поради огромна траума кај мене се појави и посттрауматски стрес, кој сосема ме претвори во нефункционална личност и веќе немав механизам за справување. За трауматичното породување говорев и во медиумите...“, споделува Дона Неделковска (30) од Тетово за CRNOBELO.com.
Дона Неделковска (30) од Тетово, по професија e стоматолог, но моментално работи фотографија и маркетинг, отворено говори за соочувањето со анксиозноста уште како дете, но и за нејзиното влошување по еден трауматичен животен настан.
Таа вели дека во ваква ситуација задолжителна е консултацијата со доктор за да можете да си ги средите мислите и емоциите.
Дона отворено ја пренесува својата приказна за CRNOBELO.com:
Какви симптоми имаше? Кога сфати дека нешто не е во ред?
Во најкратки црти, имав страв од сè и сешто и постојана грижа за себе и за тие околу мене. Едно чувство како цело време да си во исчекување на нешто лошо.
Освен тоа, отсекогаш сум имала проблем со основна комуникација со луѓе односно социјална анксиозност – навидум обични срамежливост и трема, но на таа трема се надоврзуваа и други симптоми, како неоснованиот огромен страв од сè, лоши црни мисли, проблеми со спиење, кошмари и физички симптоми како тахикардија и забрзано дишење и слично, кои ми влијаеа на квалитетот на живот и функционирање како нормална личност во секојдневни ситуации.
Дали официјално се поставува дијагноза анксиозност, ти имаат ли поставено тебе и кога? Се консултираше ли со доктор?
Јас за анксиозноста немав побарано помош, се справував сама, ама дојде време кога поради огромна траума кај мене се појави и посттрауматски стрес, кој сосема ме претвори во нефункционална личност и веќе немав компензаторни механизми.
Се консултирав со доктор кратко после трауматичниот настан.
Што значи да се живее со ваква дијагноза? Што е поинаку во секојдневието?
Она што за повеќето се нормални активности кај анксиозните луѓе е поинаку. Сè изгледа потешко, постресно, пострашно.
Сметаш ли дека некои тешки животни настани придонеле за ова?
Сметам дека анксиозноста била дел од мојот карактер уште од дете, ама тоа се потенцираше после трауматичното породување, приказна која многумина ја знаат, говорев во медиумите, не би ја повторувала во детали.
Ама на кратко, тоа што бев на раб на смртта придонесе за влошување на моите мисли, емоции и психа.
Сметаш ли да не беше тој настан, животот ќе ти одеше во поинаква насока?
Да, 100%. Ама поинаква насока не значи и подобра. Животот сега ми е таков каков што требал да биде и сум благодарна за апсолутно сè.