„Македонците се прејадуваат и имаат нередовни оброци“ - Нутриционистот Емилија Спасовска Мојсовска за грешките во исхраната
Која е најчестата грешка што според вас Македонците ја прават кога се обидуваат да ослабат?
Процесот на намалување на телесната тежина најчесто претставува голем предизвик, и потребно е време додека да се донесе одлука да се побара помош од нутриционист.
Една од најчестите грешки е верувањето дека постои само една намирница или напиток кои магично ќе ги намалат килограмите, без притоа да се промени начинот на исхрана или да се консултира нутриционист или пак употреба на „диети“, кои може да имаат спротивен ефект или диети сиромашни со хранливи материи кои може сериозно да го загрозат здравјето.
Непрактикување на физичка активност исто така е една од грешките, моја препорака е во рамките на можностите барем 30 минутно пешачење секојдневно.
Појаснете ни накратко, како ги одредувате плановите за исхрана за вашите клиенти? Што е она што секој клиент треба да го направи пред да му изработите детален план за исхрана?
Програмите на исхрана кои ги изработувам се персонализирани и индивидуални, направени според потребите и здравствената состојба на клиентот.
Со индивидуалниот начин на работа од секој клиент пред да направам програм на исхрана потребна е детална крвна слика.
Покрај крвната слика потребни се детални податоци за клиентот како тежина, висина, начин на живот, историја на болести, животен стил и моментални навики во исхраната, секако и желбата за соработка со нутриционист и постигнување на одлични резултати.
Со кои клиенти е најлесно, а со кои најтешко да се работи?
Мојата работа за мене претставува големо задоволство и со оглед на индивидуалната работа секој клиент претставува посебен предизвик.
Соработката со секој клиент претставува задоволство особено кога заеднички со заемна поддршка постигнуваме посакувани резултати без разлика дали се работи за подобрување на здравствената состојба, намалување, зголемување на телесната тежина, како и општи совети и препораки за правилна исхрана, па така секоја работа која се работи со љубов и емпатија нема тежина, и секој клиент е добредојден.
Голем број луѓе кои се борат со рак, потребно е да воведат посебен начин на исхрана. Кои производи според вас овие луѓе треба веднаш да почнат да ги избегнуваат?
По заболувањето потребите на телото се менуваат, па потребна е целосна промена на исхраната и начинот на исхрана.
Лошите навики во однос на исхраната треба да станат минато, да се елиминираат намирници кои содржат адитиви, високо процесирана храна, храна богата со трансмасти, прости или рафинирани шеќери, газирани и обоени напитоци и да се обрне внимание на поголем внес на антиоксиданси од зеленчукот и овошје и умерен внес на вода и течности.
Дали примената на соодветен режим на исхрана може да им помогне и на лицата што имаат генетски предиспозиции и се во зголемен ризик од заболување од рак? Што треба да избегнуваат во исхраната?
Храната и исхраната, здравиот начин на живот и умерената физичка активност може да придонесат за зачувување на здравјето и заштита од хронични незаразни болести.
Со храната можеме позитивно да влијаеме против многу заболувања како примарната превенција која е од големо значење.
Храна која е потребно да се одбегнува е процесирана храна, избегнување на засладени пијалаци, храната богата со шеќери, храната богата со заситени масни киселини, да се одбегнува алкохол и брза храна.
Антиоксидантите (витамините и минералите) во храната можат со нивната моќ за борба против слободните радикали може значително да помогнат во одржување на природниот баланс во организмот.
Присуството на свежо сезонско овошје и зеленчук помагаат во одржување на природниот имунитет и треба постојано да се присутни во исхраната.