Урбан лик: Пако Радовановиќ, архитект со безвременски моден стил - вози кабриолет од 1992 година, носи ист модел очила од студии
Каков беше ноќниот живот некогаш? Колку работите се променети и по што си најносталгичен?
Не беше толку одамна, но сепак беше толку различно. Имаше помалку локали, но се знаеше кој каде оди имаше селекција на врата кој може, кој не.
Луѓето се дотеруваа за искачање. Не пуштаа со патики. Локалите работеа до подоцна, имаше избор од дискотеки каде да се продолжи, се играше на подиум.
Сега, сè е измешано во еден локал и баби и жаби, нема интеракција, сите со телефоните. Никој не игра, сите само некако се меркаат. Мислам седат одвоено, а флертуваат на социјални мрежи.
Мислам дека исчезна и кавалерството. Сега мислам и жените не знаат што е веќе кавалерство за да препознаат. Во однос на пристапот кон додворувањето сега е сосема поинаку, веќе сè е виртуелно.
Имаш студирано во Италија? Кои ти се омилени работи од начинот на функционирање на Италијанците? Дали Италијанците навистина се модни икони?
Италијанците знаат да живеат. Сè се организира спрема квалитетниот живот.
Порано во понеделник дуќаните отвораа во 3, за да одморат од викендот. Пауза за ручек е од 12-14 и ручекот е ритуал. Примо-секондо вино, десерт… Ферагосто од 1-16 август одмор за цела држава.
Италјанците ја следат и модата повеќе од другите. И мажите и жените се средени, дотерани со совршени фризури и чевли, но за модна икона треба нешто повеќе од само да си роден како Италијанец.
Највпечатливи дестинации кои си ги посетил досега во животот...
Како впечатливи дестинации би ги издвоил Тајланд, Куба, Пакистан, Малезија… Но, на крај секогаш се враќам на Европа. Некако егзотиката не ме привлекува повеќе, сакам средени места.
Сакам мали места во Европа. Би ги издвоил Сиена во Тоскана и Santiago de Compostela во Галиција.
Најзначајните достигнувања на поле кариера и што ти е најголем предизвик за во иднина?
Навистина ми значи големата годишна награда за архитектура доделена од претседателот на Република Македонија за 2016 година, a потоа и наградите BIG SEE Awards за 2020 и Future architecture share за 2020.
Моментално најголем предизвик и значаен проект ми е хотел со 5 ѕвезди што го работиме за во Пореч, Истра, Хрватска. Правиме комплет архитектура со ентериер. Имаме одличен инвеститор и топ локација во прв ред до море, на која можеме да се изразиме како што знаеме.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело