Урбан лик: Пако Радовановиќ, архитект со безвременски моден стил - вози кабриолет од 1992 година, носи ист модел очила од студии
- Детали
- среда, 02 ноември 2022
„Додека разгледував по фотографиите, за да направам избор за вашето интервју се вратив од деновите на студии во Италија 1998-2002 и ми се потврди дека стилот ми е безвременски. Од студии го негувам истиот стил на мустаќи и залижана коса. Од студии ги носам истите очила за сонце Persol 714, само сум менувал боја, истиот парфем Colonia Intensa di Acqua di Parma da uomo, истите еднобојни маици Lacoste...“, споделува Пако Радовановиќ (42) за CRNOBELO.com, кој важи и за вистински господин и за посветен семеен човек и за неприкосновен професионалец.
Пако Радовановиќ (42) е познат и многунаградуван наш архитект, кој потекнува од семејство архитекти, а со оваа професија се занимаваат и неговата сопруга Маја, како и неговата сестра.
Тој е горд татко на 6-годишната ќеркичка Тара и иако вели дека семејството е неговото најголемо достигнување, мора да напоменеме дека во 2016 година доби награда за архитектура дури и од претседателот на Република Македонија. И тоа е само една во низата награди, која сведочат за неговата неверојатна работа.
Пако зрачи со смирувачка енергија, има префинет и безвременски моден стил и со него е задоволство да се разговара на која било тема. Дефинитивно вистински господин.
Токму таквите личности се инспиративни за нас.
Со него поразговаравме за неговите секојдневни навики, што е тоа што му е најголема релаксација во секојдневието, но и на кои свои успеси е најгорд досега.
Пако Радановиќ за CRNOBELO.com открива:
Важиш за маж со префинет моден стил, за кој милуваш да кажеш дека е безвременски … Кои се твоите модни правила, омилени модни детали? Од кога мустаќите и косата залижана наназад ти се препознатлив дел од имиџот?
Додека разгледував по фотографиите за да направам избор за вашето интервју се вратив од деновите на студии во Италија 1998-2002 и ми се потврди дека стилот ми е безвременски.
Изгледам исто, само бркот ми побеле. Од студии го негувам истиот стил на мустаќи и залижана коса. Од студии ги носам истите очила за сонце Persol 714 само сум менувал боја, истиот парфем Colonia Intensa di Acqua di Parma da uomo и истите еднобојни маици Lacoste.
Моите модни правила се дека секој еден маж што држи до себе треба да има црн костум, тегет блејзер со златни копчиња, кој јас лично секогаш го имам и го комбинирам во најразлични варијанти со фармерки, панталони во живи бои или класично со сиви пантолони.
Потоа црни oxford чевли, кафени derby brogue и мокасинки, во мојот случај brera, кои ги носам со години.
Не сум голем љубител на модни детали, освен повремено шамивче во џеб. Мислам овој моден тренд на „накинџурени‘ мажи со неколку алки, прстени, марами не е за мене.
И во тој поглед сум доста класичен мислам мажот треба да остане маж, а жената жена.
Важиш за вљубеник во квалитетни пури, добри пијалаци… Дали навистина си хедонист по душа?
Често се шегувам со кумот и му викам човекот е богат онолку колку што троши, а не колку има во банка. Во тој поглед сум многу богат човек. Тоа е тајната и CARPE DIEM (зграпчи го денот).
Уживам во добра храна и добро вино, па дури и според нив ги организирам патувањата каде ќе се оди.
Кога шетаме со друштво викам сè ви препуштам вам, само не изборот каде ќе јадеме. Имам некоја дарба да го одберам вистинското место, освен еднаш во Париз каде направив огромна грешка (за која еве и јавно се извинувам).
Поради работата често одам во Италија и таму имам едно правило, бегам од ресторани со мени на англиски и налепница „Тripadvisor“.
За крај на вечерта уживам во добро виски и пура, во кои често ме прати сопругата. И тука сум го направил изборот пред многу години и не го менувам вискито Laphroaig Quarter Cask и пурите Romeo Y Julieta Short Churchill.
Но, мора да признаам дека овој хедонизам резултира со триглицериди и холестерол за тројца.
Затоа возам велосипед пред работа. Не дека е некоја посебна навика, но е потреба за да можам да уживам во горенаведените хедонистички задоволства.
Колку архитектите се посебни како луѓе? Во што се крие твојата уникатност?
Не би генерализирал според професијата. Мислам во тоа што навистина уживам во работата, си правам да ми е интересно.
Секој проект е тотално различен и некогаш се фаќам себеси да работам на неколку проекти во исто време, кои се дијаметрално спротивни, еден класичен, еден модерен, друг индустриски… Тоа е мојата специфичност што знам да се поделам, еден вид multiple personality disorder.
Во однос на карактерот, на студии имав многу добра другарка Афроамериканка од Шведска која после неколку седмици дружење ми кажа: „Ти да не си бик во хороскоп?“
И кога ми објасни, сфатив дека сум олицетворение на мојот хороскопски знак. Јас сум максимално смирен тип, многу е тешко да дозволам да ме изнервира некој, но кога тоа ќе се случи знам да побеснам. Злопамтило сум и една грешка е доволна да те избришам од животот.
Можеби ова е негативно, но што да правам до хороскопскиот знак е.