Д-р Татјана Гуржанова, специјалист за ин витро: „Пациентка на 43 години пред ин витро забремени природно, друга стана мајка на 53 со донирани јајце клетки“
Дали жените на своја рака земаат лекарства и тревки? Со кои растенија треба да бидеме внимателни во тек на ваков процес и зошто?
Жените читаат по форуми и се советуваат една со друга, па земаат тоа што им препорачуваат нестручни лица, но истите можат да имаат многу негативни ефекти.
Како на пример ѓумбирот кој се зема редовно, при интервенција може да има крварење, како пациентката долго да земала аспирин.
Или пиењето чај од магдонос кој го земаат во тек на бременост со цел да се ослободат од отоци, а тој може да има крајно негативен ефект и врз плодот и врз мајката.
Колку е клучно јавно да се говори за ова и да не биде табу-тема?
Многу е важно јавно да се зборува за овој проблем затоа што сè повеќе се зголемува процентот на овој проблем и дури добива национални размери. Навремената информираност ќе доведе до навремено реагирање и можеби превенирање на инфертилитет.
Се препорачува испитување на репродуктивниот капацитет и на момчињата и на девојките уште во раните дваесетти години.
Кој е најтежок миг од процесот на ин витро?
Во текот на целиот процес има доста тешки моменти, но најтежок е периодот од ембрио трансферот до тестот на бременост, кога се чека дали процесот ќе вроди со успех или не.
Зошто доаѓа до спонтани абортуси?
Има многу причини, а најчеста е генетската содржина на ембрионот кој може да биде случаен, само тогаш, а многу ретко поради наследени генетски фактори.
Потоа структурни аномалии на матката, тромбофилија (ендемична за нашите краишта) итн.
Доколку станува збор за машка неплодност, каде треба да се бара решение и помош?
Истражувањата покажуваат дека, канцелариската работа пропратена со долго седење, хроничен стрес, одлуката да се стане татко на постари години, изложеноста на ксеноестрогени, го влошуваат квалитетот на семениот материјал, дури го зголемуваат и ризикот од карцином на тестиси и простата.
Навремена контрола и применување на советите од стручните лица можат многу да помогнат во подобрување на квалитетот на живот, а со тоа и на плодноста.
Кога треба да се сопре со процедури, колку долгогодишните процедури се ризик за здравјето на жената?
Треба да се има лимит колку ин витра може да се повторуваат. Не може бројните ин витра од 8-9 пати да бидат без последици за здравјето на жената како што се различни хормон зависни тумори, но и голем ризик од оваријални карциноми поради честата механичка траума што се прави при пункција на јајниците, при една ин витро постапка.
Кој е процентот на успешност на ин витро постапките? Колку често резултатот е живо и здраво бебенце?
Многу од пациентите мислат дека успехот на ин витро постапката е 80% и повеќе и дека сè под 50% е слаб успех.
Во реалноста сликата е поинаква, дури и млад и фертилен пар кој се обидува да забремени по природен пат има процент на успех на месечно ниво од 15-20%.
Успехот на ин витро постапката е условена од многу работи како возраста, висината и тежината (body mass index), оваријалната резерва, бројот, подвижноста и морфологијата на сперматозоидите, репродуктивната историја (години на третман на стерилитет, бремености, спонтани абортуси итн.).
Жени со најдобри шанси за успешно ин витро на еден циклус имаат процент на успех 40%, додека мнозинството на жени кои подлежат на оваа постапка на циклус имаат процент на успех од 20-35%.
Оваа перспектива може да помогне во одлуката да се обидат пациентите повеќе од еден пат за ин витро постапка и да не се обесхрабруваат доколку првиот пат е неуспешен.
Што би им порачале на сите жени кои минуваат низ ова?
Денес секоја жена што сака со помош на најразличните ин витро техники може да се оствари како мајка.
Она што би им го препорачала е секогаш да бараат стручна помош, да прават проверка на репродуктивниот капацитет кај своите матични лекари, како ултразвучен преглед, проверка на бројот на антрални фоликули, испитување на антимилеровиот хормон и секако да побараат стручна помош од психолог.
Истото би го советувала и кај машките лица, да направат ултразвук на тестиси и анализа на семениот материјал.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело