Горан Анастасовски: „Ми годеше кога DailyMail ме нарече крал на фотографијата, а омилено ми е да ги сликам животните во зоолошка“
Како е да се фотографираат животните во Скопје ЗОО? Чекаш ли долго за добра фотка, се нервираат ли, кое животно е најголем позер?
Животните од Скопската зоолошка градина ги обожавам и највеќе сакам нив да ги фотографирам.
Мирни се и дали поради мојот чест престој во нивната средина воопшто не се вознемируваат кога ги фотографирам.
Сите се позери само треба да ги начекаш во добро расположение.
Пејзажи, луѓе или што ти е омилено за фотографирање и зошто?
Секако животните ми се омилени, но исто така и сакам да фотографирам деца, особено откако се роди мојата внука Лана, која ми е омилен модел.
Бесценето е чувството кога можеш да го овековечиш почетокот на животот. Сметам дека тоа е огромна привилегија, кога можем да ги пренесам чувствата на мајката 15 минути откако на светот му подарува нов член. Не залудно рекле мудрите, со секое дете светот одново се раѓа.
Сакам да ја фотографирам љубовта, без разлика кон кого е - кон животните, кон луѓето, кон децата.
Моите фотографии не се „местени“, јас го ловам моментот, детето додека е валкано и ужива во јадењето чоколадо, прегратката на мајката и новороденчето, задоволството на спасен живот.
Во тој контекст многу се радував на прекрасната приказна која имав чест да ја фотографирам - спасеното мајмунче Луна и негувателката Зера и мислам дека многу успешно ги пренесов не само нејзината среќа и задоволство што го спаси од давење, туку и нејзината љубов кон животните, која се чита во очите.
Со задоволство ги фотографирам настаните од нашата македонска традиција и оние убави, млади луѓе кои го разбираат значењето на пренесувањето и зачувувањето.
Убавината на Македонија секогаш ми е предизвик. Без разлика на тоа дали е скопска Матка, охридски Канео, градскиот парк...
Најтешко за фотографирање ти е...
Па, нема тешка и лесна фотографија кога го сакаш тоа што го работиш.