Катерина С. Анѓеловиќ, јога и лајф коуч: „Со јогата се спознаваш себеси, медитацијата е одмор за умот, а во Индија научив клучни лекции“

„Го прашале јогинот – „Што постигна со јогата?“ – „Па постигнав да мислам на јадењето додека јадам, на работата додека работам и да заспивам лесно и мирно.“ …“, споделува Катерина Сековска – Анѓеловиќ (44), инструктор по јога и лајф коуч тренер за CRNOBELO.com, која 12 години се занимава со јога, а ја посетила и Индија за искуства плус.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-01.jpg

Катерина Сековска – Анѓеловиќ (44), инструктор по јога и лајф коуч тренер, магистер по филолошки науки и професор по италијански јазик, од Скопје, но и сопруга и мајка на две ќерки, на возраст од 9 и пол и 19 години, е инспиративна жена која со нас ја споделува својата животна приказна.

Од тоа како јогата ѝ станала професија, по 12 години предавање италијански јазик на факултет, до тоа колку медитацијата е лек за душата, но и телото, нејзината приказна освестува и инспирира.

Катерина Сековска – Анѓеловиќ споделува за CRNOBELO.com:

Зошто токму јога?

Првпат ја искусив јогата на 23 години кога мајка ми, која секогаш ми била водич во духовниот свет, ме однесе на првиот час.

За сè што пробав друго дотогаш брзо губев интерес. Но, од првиот час по јога веќе не барав ништо повеќе.

Зошто токму јога? Затоа што јогата не е само физичка пракса, таа е наука и филозофија која проучувајќи ја низ годините, го задоволуваше мојот интелект, а од друга страна ми ги отвори вратите на една нова, непозната дотогаш за мене пред сè спознавачка димензија.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-12.jpeg

Јогата има длабочина на окенанско дно и никогаш не може да здодее ако си доволно љубопитен да нурнеш во тие длабочини и да сознаваш и искуствено и интелектуално. Таа е една од патеките да се спознаеш самиот себеси, а за мене нема ништо поинтересно од тоа да се спознаваш себеси.

Ние луѓето сме многу комплексни битија, слоевити, ретко кој е свесен за таа слоевитост и за сопствените можности и моќи, а јогата е една од дисциплините која нуди начин за такво спознание. Не можам да тврдам дека се спознав целосно, но го познавам патот и секојдневно откривам нови детали за себе, кои ако не се ок, имам избор да ги променам. Кога човек не е свесен, нема капацитет да се менува.

Малку ми е криво што на јогата денес и се придава претежно физичка димензија, но јас се трудам да ги разбијам тие тенденции.

Целта во јогата не е само да се поставиме во ултра, за многумина, невозможна позиција на телото што ја гледаме кај мноштво инфлуенсерки на Инстаграм, туку е многу подлабока. Целта како што кажав е да се реализираме себеси и да спознаеме кој сме ние.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-03.jpeg

На колку години одлучи токму јогата да ти биде професија и како собра храброст за ваков потег? Како одлучи да го следиш својот сон?

По вокација сум магистер и професор по италијански јазик. Цели 12 години работев на еден од приватните универзитети, каде работата со студентите многу си ја сакав, и сè уште со големо задоволство ја работам хонорарно на друг универзитет, но на 36 години одлучив да ја променам целосно мојата професија и да отворам свое студио за јога.

И така љубовта кон подучувањето продолжи, но во друга насока. Во тоа време веќе имав тригодишно искуство како инструктор и веќе долги години пракса, но почетокот не беше воопшто лесен.

Потребна беше и голема храброст и поддршка од најблиските и целосна промена на навиките, очекувањата, размислувањата. Остварувањето на сонот знае да биде трнлив и со многу препреки, но во тоа време многу ми помогна едукацијата и праксата на Клиринг методот во Белград (психотерапевтски метод) која траеше 4 години, по што освен што се стекнав со диплома за коуч и тренер по човечки ресурси и личен развој, ми помогна да зајакнам и издржам на патот на мојот сон, да станам уште подобар јога инструктор за да можам да им помагам на другите луѓе да го остваруваат својот сон.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-06.jpeg

Колку е тешко во Македонија да се води мал бизнис? Кои се предизвиците?

Јогата барем јас, дури и како професија не можам да ја наречам бизнис, иако сè повеќе е тоа, не само кај нас туку и во светот, па дури и на исток, во Индија, од каде и потекнува.

Прво, затоа што за мене е љубов, а кога се работи нешто со љубов грубо е да се нарече „бизнис“ особено ваква дисциплина.

Генерално и за мене лично, часовите се задоволство и уживање. Но од друга страна е голема одговорност. Замислете луѓе кои имаат различни проблеми, кои здравствени, кои психички, оптоварени со секојдневни стресови, тензични ситуации и грижи, а сепак одлучиле да ми ја дадат токму мене довербата да ги водам низ процесот на исцелување, растоварување од грижите и опуштање, да ги ислушам секогаш кога имаат таква потреба и тоа во секое време.

Во овие стресни времиња одговорноста на еден јога инструктор е голема и секој што решава да се занимава со тоа треба пред сè да го води благородна идеја и да ја има освестено во себе мисијата на помагање, како и стручноста да се помогне.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-08.jpeg

Јога бизнисот во Македонија инаку е мал бизнис и профитабилен само во одредени месеци во годината. Ретко познавам инструктори кои се занимаваат само со јога, повеќето имаат друга основна дејност.

Јас лично сакав да се посветам целосно бидејќи сметам дека ако енергијата е растурена на повеќе страни нема да можам да го дадам најдоброто од себе. За среќа, имам поддршка од семејството и можам да си го дозволам тоа.

Постојат и други предизвици. Часовите се претежно попладне, што не ми дозволува да следам културни настани, средби со драги луѓе кои се попладне слободни, семејни активности и ред други ограничувања. Но, изборот и одлуката се мои и наоѓам начин добро да се носам со тоа.

Убавината пак во оваа работа е во тоа што запознавам постојано нови луѓе од различни профили, многу научив за меѓучовечките релации, за човечката психа и карактер, за луѓето како битија.

Доминантно, на јога доаѓаат мирољубиви луѓе со пријатна енергија, многу од нив ми станаа блиски пријатели со кои се дружам и во слободното време. А многу од нив меѓусебно стекнаа пријателства преку јогата, што ми е многу драго.

Сепак, најголемата сатисфакција и награда ми се задоволните и блажени лица после часот и благословите од нивна страна да им бидам жива и здрава. Тоа ми дава енергија и поттик да продолжам во оваа мисија и да ги надминам сите предизвици.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-11.jpeg

Некако луѓето што вежбаат јога имаат посебен тип на младешка енергија… Дали е навистина така?

Да, луѓето кои вежбаат подолго време јога имаат и младешки изглед и младешка енергија.

Не можеме да спречиме да старееме, но не мора да бидеме стари – една многу точна изрека која особено важи за јогините. Тоа е така затоа што јога техниките навистина го подмладуваат телото, но го менуваат и мајндсетот.

Јогата ослободува од предрасуди и од некорисни уверенија и стравови, па најверојатно затоа сме млади и во духот.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-18.jpeg

Главни придобивки од јогата се…

Придобивките од јогата се бројни и на сите нивоа – телесни, ментални, енергетски, духовни.

Сè повеќе јогата ја препорачуваат нашите лекари како дел од терапијата на своите пациенти што многу ме радува и многу зборува за нејзините бенефити. Но, пак ќе кажам, најголемата придобивка од јогата е самоспознанието и самореализацијата.

За време на часовите исто така учиме да вежбаме свесно, кога има свесност во секое движење нема повреди има само напредок. Ако таа свесност ја пренесете во животот, во секојдневните акции, можностите за грешки се многу мали. Тоа е уште една огромна придобивка од јогата.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-13.jpeg

Организираш јога патувања? Колку Македонците имаат интерес за ваков тип на дружби и по што се уникатни овие патувања?

Веќе шеста година организирам јога патувања или јога одмори (т.н. ритрити) неколкупати во годината.

Македонците сè повеќе се заинтересирани за ваков тип на одмор од повеќе причини. Прво, затоа што генерално се промени концепцијата за одморот. Класичниот одмор кој се состоеше само од лежење на плажа, сончање, јадење и спиење не е веќе атрактивен. Луѓето сè повеќе сакаат активен одмор исполнет со различни активности.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-05.jpeg

Јога одморите кои ги организирам го нудат токму тоа. Практикуваме јога двапати во денот, кога сме на планина правиме лесни планинарски тури, кога сме на море или езеро организирам работилници за личен развој, предавања од јога филозофијата, цртаме мандали или други арт техники кои се исто така насочени кон себенабљудување и себеоткривање, ги водам во медитации и други техники за релаксација.

Едноставно, сè повеќе луѓето стануваат свесни дека не треба, туку веќе и мора да си одвојат време и да си го посветат квалитетно себеси, да се ресетираат и регенерираат за да бидат посреќни, подобри и поефикасни на работното место, како родители и како сопружници.

И најважно, овие патувања пружаат можност за вмрежување на луѓе кои имаат слични интереси, луѓе со отворен ум, позитивни и флексибилни, јога одморите се можност да се зачнат нови пријателства.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-07.jpeg

Речиси на секој ритрит се изненадувам пријатно и им честитам на храброста на луѓе кои решаваат да дојдат сами, без никого да познаваат, ниту мене, ниту пак останатите пријавени. Но се враќаат секогаш побогати со искуство и со нови пријатели.

Јогата во превод значи единство. Се мисли на единство на умот, духот и телото. Но исто така кога сте едно со другите луѓе, вие сте љубов и вие сте во јога.

На нашите јога одмори сме во такво единство преку сите заеднички активности, но и преку смеењето, забавите и танцувањето кои се неминовни и секогаш во агенда.

katerina-s-angjelovikj-joga-i-lajf-kouch-trener-so-jogata-se-spoznavash-sebesi-a-meditacijata-e-odmor-za-umot-22.JPG

Продолжува на следната страна...



Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg