Успешни Македонци низ светот: Дејан од Кичево е каратист кој отвори свој клуб во Чикаго, но работи и на универзитет и во болница
Дејан оваа година, беше официјално промовиран и како велнес шампион на Нортвестерн Универзитетот.
„Многу често патувам низ САД и може да ме забележите на сите поголеми карате натпреварувања каде вообичаено судам.
Изминатата година решив да се натпреварувам и го освоив златниот медал на државното карате натпреварување каде имаше пријавено повеќе од 2.200 учесници. Случајно овој резултат и моите карате достигнувања ги споделив со мојот менаџер и тоа беше и причината да бидам номиниран и денес да сум член на велнес комитетот на Нортвестерн Универзитетот.
Ние сме тим од 80 членови, сите опседнати со идејата за здрав живот и позитивен дух. Редовно дискутираме, креираме, иницираме и организираме најразлични настани, обуки и тренинзи од областа на велнес за сите вработени на нашиот универзитет.
Навистина ми е задоволство што во овој момент сум вклучен во креирање на специјална велнес програма за нашиот департман каде ќе можам да го промовирам каратето како алатка за справување на стресот и подобрување на самодовербата на нашите вработени.“
Дека е вистински херој покажува и фактот дека со каратето и техниките на каратето помага на лицата со Паркинсонова болест и децата со аутизам и ADHD.
„Во ММА (Милошевски Мартиал Артс) имаме креирано повеќе различни програми (карате, самоодбрана, нутриционизам, персонални часови, корпоративен велнес). Нашето мото е дека ние градиме карактер и самодоверба на шампион.
Во мојот клуб имаме деца со аутизам и (АDHD) кои се вклучени во нашите редовни часови. Бев вклучен во истражување каде креиравме специјална карате програма и ги следевме ефектите од каратето вр лицата со Паркинсонова болест.
Крајната цел е дека карате помага во зголемување на силата, издржливоста и флексибилноста, држењето на телото, рамнотежата и координацијата. Но, освен физички бенифиции нуди и ментални бенифиции, како на пример градењето на самодовербата и подобрување на концентрацијата.
На прашањето кој е Дејан приватно, тој вели:
„Јас сум Македонец од Кичево и од кога знам за себе секогаш сум сакал големи предизвици и имам натпреварувачки дух. Магистер сум на економски науки (МБА), зборувам англиски и француски јазик. Обожавам да тренирам и често трчам и се трудам да го поминам слободното време во природа.
Така ги полнам своите батерии и секогаш имам позитивна енергија. Моето второ хоби се моторите, сакам да патувам и често правам авантури и посетувам повеќе места и сакам да пробувам локални специјалитети.“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело