Успешни Македонци низ светот: Дејан од Кичево е каратист кој отвори свој клуб во Чикаго, но работи и на универзитет и во болница
- Детали
- недела, 04 септември 2022
Тој е каратист со златни медали, карате судија, сопственик на клуб кој помага на дечиња со аутизам, а неговите спортски достигнувања му дале почесно како член на велнес комитетот на Нортвестерн Универзитетот. Плус, работи во најдобрата болница во Илиноис во финансискиот оддел за клинички испитувања. Дејан Милошевски е наша гордост!
Дејан Милошевски од Кичево веќе 4 години живее и работи во Чикаго. Денес, тој буквално го живее својот сон.
Дејан започнал да тренира карате уште во родното Кичево. Потекнува од фамилија каде што желбата за адреналин, натпревар и победа биле секогаш присутни.
За доста краток период успеа да направи големи резултати во Чикаго, и навистина да го живее својот сон.
Дејан за CRNOBELO.com споделува дел од неговите животни искуства, приказни и спортски достигнувања:
„Во Чикаго живеам веќе четврта година и можам да кажам дека моментално сум презадоволен од успехот, кој што успеав да го направам во овој навистина релативно краток период.
Во 2018 година живеев и студирав во Швајцарија, кога случајно дознав дека сум добитник на лотарија на зелена карта за САД. Истата година дојдов во Чикаго и во првата недела успеав да се вработам како карате инструктор во најдобриот карате клуб во Чикаго.
Во 2021 година, во текот на ковид кризата се одлучив да отворам своја компанија (Милошевски Мартиал Артс) за која сонував последните неколку години. Во следниот месец успеав да се вработам во Нортвестерн Универзитетот, и да почнам со работа во најдобрата болница во Илиноис во финансискиот оддел за клинички испитувања.
Ова беше мојата најголема желба поради која дојдов во САД, затоа што верував дека формалното образование кое го стекнав благодарение на моите родители можам да го искористам во средина каде се почитува и цени секој вложен труд.
ОМД (Обединета македонска дијаспора) ги препозна моите квалитети и мојата посветеност во САД и во 2021 ме награди со престижната награда најуспешни Топ 40 под 40 години. Особено, сум горд што успеав да ја завршам и Иванов школата за млади лидери (ИСЛА) која пак ми овозможи да се запознаам со други успешни Македонци во дијаспората.“
Освен каратист, Дејан е и судија по карате со светска лиценца. Успех за кој тој особено се гордее.
„Кога имате желба, цел и не се откажувате така лесно од вашите соништа – сè е возможно.
Потребни беа многу работи за да се стане светски судија во карате, мојата најголема подршка е моето семејство.
Во 2013 година кога положив за европски судија за карате бев најмладиот судија во Европа и верувајте ми бев многу возбуден и среќен.
Во 2018 година успеав по вторпат да станам најмлад судија ама овојпат во светски рамки.
Долг период сонувате и длабоко во себе знаете дека ќе го направите тоа и следниот момент го живеете тој долго очекуван момент едноставно тоа е чувство кое не може да се опише со зборови само да се доживее.“