Давор Арсовски: „Чувам був, Буба може да нанесе сериозни повреди и мора внимателно со неа“
- Детали
- четврток, 01 септември 2022
„Веќе 5 месеци како миленик го чувам бувот Буба. Буба ја купив од Словенија, а родена е во Австрија. Во природа бувовите живеат околу 20 години, а во домашни услови околу 60 години. Секоја птица грабливка со документи е релативно скапа…“, ја почнува приказната за својот миленик Давор Арсовски (28) кој живее во Куманово.
Давор Арсовски (28) живее во Куманово и е сопственик на компанија за лепење на плочки, а вели дека обожава животни откако знае за себе.
Со соколарство се занимава околу 2 години. Чува був, јастреб и куче од расата питбул. Тој е член на соколарското друштво „Јарак“, кое постои од 2005 година.
Со него поразговаравме за неговиот був Буба и за тоа каква нега бара тој.
Давор за неговиот миленик був открива за CRNOBELO.com:
Како се одлучи за був како миленик и колку време го имаш бувот Буба?
Желбата за птици грабливки сум ја имал отсекогаш, а бувот Буба од видот Бубо Бубо (Eagle owl) го имам 5 месеци.
Кои други миленици ги чуваш, како се согласува Бубо Бубо со нив?
Имам и јастреб кокошкар (Accipter gentilis) и два питбули со нив нема проблеми, но не сака други животни кои не ги познава.
Од каде го набави и зошто токму ова име? Колку чини еден був?
Буба ја купив од Словенија, а родена е во Австрија. За цена не сакам за зборувам затоа што се злоупотребуваат дивите птици грабливки во Македонија, секоја птица со документи е релативно скапа.
Каков е карактерно? Опасен ли е за луѓето?
Како и секоја грабливка кон други птици и помали животни може да биде агресивна, а кон луѓето не – затоа што е израсната со луѓе, но мала грешка може да доведе до сериозни повреди.
Со што го храниш?
Со сирово пилешко месо.
Како реагира кога не си дома? Го шеташ ли со тебе? Се плашат ли луѓето од него?
Па, кога чувате птици грабливки морате секој ден да бидете со нив, тоа не е хоби, тоа е начин на живот. Летниот период не го шетам тогаш бувовите се митарат.
Кога го шетам реакциите на луѓето се различни – некои се плашат, некои се воодушевени од него.
Сака ли да застанува кај други луѓе на рака? Зошто е потребно да се носи ракавица?
Не сака кај други да застанува на рака, а ракавица се носи поради безбедност.