Ваква младина! Интервју со Леа (17) од Скопје која е првенец на генерација и волонтер во Црвен крст – цел ѝ е да им помага на луѓето

Што за тебе значи волонтирањето?

Хмм, мислам дека зборовите често не значат ништо. Особено во овој случај. Тие не ја поседуваат моќта да го доловат ова прекрасно чувство. За вистински да се осознае и оголи суштината е потребно е да се учествува на барем една активност и едноставно да се почувствува.

Волонтирањето има способност за оживување на суштината и вистинските вредности. Што и да подразбираме под „вистински“.

View this post on Instagram

A post shared by ЦКРСМ - ОО Карпош (@crven_krst_karposh)

Сите сами си ги создаваме вредностите - никој не може да ги создаде за нас, но Црвен крст дефинитивно отвора соодветен пат за себеосознавање, како и пат кон пронаоѓање на вредностите. Создава „реална“ надеж за подобар свет.

Велиш дека волонтирањето ти е подеднакво драго како и уметноста. Зошто?

Точно, волонтирањето ми е драго подеднакво како и уметноста.

Зошто го велам ова? Цврсто верувам дека уметноста има моќ да го промени светот – на подобро, секако. Моќ да дозволи на луѓето да си постават прашања, дилеми, да сочувствуваат. Да не бидат пасивни. Да создадат суштина и „вистинска“ причина за постоење, бидување, живеење. А всушност тоа го прави и волонтирањето.

Уметноста, а притоа без алудирање на некоја од уметностите, е универзален јазик кој сите го разбираме. А токму заедничкиот јазик ги крши бариерите помеѓу луѓето. Истово ова го прави и волонтирањето!

Волонтирањето, односно уметноста, ни отвора поширок видик за согледување на големата слика, а бидејќи истата никогаш не е розова, создава потреба да се дејствува. Создава чувство на припадност, кое е круцијално за создавање на одговорност и воопшто за започнување на некоја позитивна промена.

Тие никогаш не ти кажуваат што точно да направиш. Поставуваат дилеми и прашања, на кои едноставно не можеш да останеш рамнодушен започнувајќи ја потрагата по одговор.

Спојот на уметноста и волонтирањето секако е и во емотивното доживување. Она чувство кога ќе те допре театарска претстава, добра музика или пак филм!? Слично е чувството кога ќе го видиш резултатот на сиот твој вложен труд и време. Една насмевка или пак убав збор од корисник на кој си му помогнал е повеќе од доволно.

Со ова кажано, волонтерот може да биде во улога на публика и улога на уметник.

Зошто е важно волонтирањето?

Како што споменав, волонтирањето, исто како и уметноста ја поседува моќта да го подобри светот. Најпрво, градењето на личноста на индивидуата и всадување (негување) на емпатија, како најсуштинска особина. Со ова мислам на градење на личноста на волонтерот, како и стекнување на искуство и поседување на позитивни вредности. Исполнителност, одговорност, сочуство.

А ова доведува до целокупен развој на општеството и поместување на цврстите граници на стереотипите и предрасудите. Волонтирањето придонесува за активно вклучување на младите лица во правење на промени во местото каде живеат. Токму тие се хероите и позитивниот пример за своите врсници.

Кој и како може да се вклучи во Црвениот крст?

Црвениот крст е едно пријатно место каде секој е добредојден и прифатен. Секој кој има желба да придонесе во општеството, а на тој начин и да се надгради себеси, може да дојде во објектот на Црвен крст Карпош, или да нѐ исконтактира на нашите социјални мрежи на Инстаграм или Фејсбук.

Младите лица често немаат доволно информации за можностите за конструктивно и организирано користење на нивното слободно време, кое често им се лизга низ прсти, а волонтирањето освен што e одличен начин за младите организирано да го користат времето, тие тоа го прават со алтруистичка цел. Правејќи го тоа, тие добиваат многу ридобивки, знаења и вештини.

Што добиваш со волонтирањето?

Секојдневно волонтерите се соочуваат со луѓе кои не секогаш разбираат каде се крие убавината и мотивот за волонтирањето. Многу од луѓето не разбираат, или не сакаат да разберат дека постојат личности кои би дале дел од себе и од своето време без да очекуваат нешто за возврат. Волонтерите добиваат многу позначајни нешта од материјалните придобивки.

Тие создаваат смисла на постоењето, важни и долготрајни другарства, стекнуваат поголема самодоверба, нови знаења и вештини. Имаат можност секојдневно да се чувствуваат исполнето и задоволно. Да се чувствуваат заслужно за сите поттикнати насмевки и да припаѓаат на нешто поголемо, позначајно.

Ако некаде треба да припаѓам на овој свет, тоа е токму тука!

Волонтери, земете ја четката и продолжете да цртате насмевки на лицата околу вас!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Мила М. | Црнобело

Фотографиите се преземени од официјалниот Фејсбук и Инстаграм профил на Црвен крст – ОО Карпош.



Би можело да ве интересира:

Диџеј Мац: „На журки ми бараат песни од Ерзана и Врчак“ Крајот на 2023-та на музички план го одбележаа забавите со домашни хитови кои ди...
Александар Ристоски, актер: „Љубовните сцени се најтешки за снимање, еднаш се добива можност да се г... „Серијата 'Црвениот поет' е снимена во 2016 и не беше емитувана 7 години, па јас...
Гоце Тодевски бесплатно потстрижува бездомници: „Нивните реакции се бесценети, очи полни солзи и бла... „Работата со деца е дел од мојата професија во кој посебно уживам. Тие зрач...
Влатко Тасевски, сликар: „Црпам инспирација од секојдневниот живот, претпочитам да сликам навечер“ „Долго време, моите уметнички определби беа скриени како хоби. Луѓето, навикнати...
Ресторан во Велес направи мени со брајово писмо за слепите гости: „Сакаме да се чувствуваат добредој... „Иако сме отворени кратко, веќе имавме гостин кој го користеше менито со брајово...
Maкедонија има талентирани млади луѓе: Филип Велковски е наш кларинетист, кој работи и како модел (ф... „Можеби звучи како клише, но ние музичарите  мораме да започнеме од на...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg